1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како најбрзо до германска пензија?

13 февруари 2011

Дали е можен поврат на пензиските придонеси, со колку време работа во Германија се остварува право на пензија? На овие прашања одговараа претставниците на германскиот Државен фонд кои деновиве престојуваа во Скопје.

https://p.dw.com/p/R0Ps
Многу граѓани не знаат како да си ги остварат правата за работата во странствоФотографија: DW

Државниот германски пензиски фонд испрати претставници во Скопје да ги советуваат македонските граѓани како да аплицираат за добивање на германска пензија. Гостите од Берлин предизвикаа големо внимание. Десетици граѓани кои некогаш работеле во Германија секој ден доаѓаа на советување за да разберат дали оствариле право на пензија и како да стасаат до неа. Најчесто поставувани прашања беа: дали е можен поврат на некои придонеси кои ги задржувала државата за време на работниот век на Македонците во Германија, со колку време работа во Германија се остварува право на пензија, како се пресметува висината на пензијата, како побрзо и поедноставно да се заврши амдинистративната процедура за да почне пензијата да стасува во Македонија.

Rentner mit Gehstock, Sozialreform, Rentenreform, Rente
Фотографија: AP

Пресметување на пензијата според германските прописи

Кара Сабљаковиќ од пензискиот фонд на Германија вели дека фондовите на двете земји веќе имаат воспоставено процедура врз основа на која е регулирано правото на германска пензија за луѓето од Македонија.

„Најважно правило е дека ако имате доволно работен стаж комбинирано и во Германија и во Македонија, тоа значи 35 години, според германските правила остварувате право на пензија со навршени 63 години старост, ако немате доволно работен стаж морате да чекате до 65 години или уште повеќе“.

Билјана Цапиќ објаснува дека пензијата се пресметува во согласност со германските услови. Се зема германскиот просек на платата од 30 илјади евра годишно и на таа сума се пресметува 27 евра месечна пензија за една година работен стаж во Германија. Значи, ако некој работел 2 години и за тоа време заработувал просечна германска плата ќе добие 54 евра пензија месечно.

Symbolfoto Geiz Geizhälse
Фотографија: picture-alliance / ZB

„Многу луѓе веќе имаа документација, евиденција за работниот стаж, на некои им недостигаше по некој период, но тоа преку германскиот завод лесно може да се провери и да се завери во секое досие“.

Помош во рамките на збратимените градови

Најголем број од граѓаните кои ги следеа советувањата беа физички работници кои долги години работеле во германските фабрики во градежништвото, имаше и некои кои работеле по неколку години.

Советувањето се реализираше врз основа на Германско-македонскиот договор за социјално осигурување. Во рамките на соработката на збратимените градови Скопје и Нирнберг најавено е отворање на канцеларија во македонскиот главен град, каде македонските граѓани ќе можат да ги добијат потребните информации и да поднесат барање за германските пензиски бенефиции.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска