1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како невидливите деца да станат видливи?

Катерина Блажевска26 јануари 2013

За враќање на маргинализирани категории деца во Македонија во фокусот на институционалниот интерес, двајца психолози побараа предлози и поддршка од јавноста.

https://p.dw.com/p/17Rw9
Фотографија: imago/blickwinkel

Двајца психолози почнаа иницијатива на Фејсбук за вклучување на јавноста во заедничко наоѓање решенија за децата во Македонија кои се „надвор од кругот“. Според неофицијална, темна бројка што тие ја посочуваат, во земјата има 20.000 деца неевидентирани или без документи, 5.000 незгрижени или на улица и околу 3.000 деца кои се институционализирани, во дисфункционални семејства или со посебни потреби, заробени во своите домови и осамени.

„Иницијативата има цел овие деца да ги направи повидливи за пошироката јавност, но и за институциите кои мораат да дејствуваат мултисекторски и мултидисциплинарно за надминување на таа социјална исклученост“, вели еден од иницијаторите, Лина Ќостарова- Унковска, клинички психолог и основач на Центарот за психосоцијална и кризна акција од Скопје. Таа и Емилија Георгиевска- Наневска, психолог-терапевт од Мадрид, ја администрираат фејсбук-страницата и велат дека иницијатива ја следат доста луѓе.

„На овој начин се зголемува чувствителноста на 'обичните луѓе' за овие теми, без одбивност, но и без сензационализам и сожалување. Тоа е и наша цел -да информираме за состојбите од аспект на детските права, за законските можности, критички да ги анализираме постојните решенија и да предлагаме нови и поефикасни“, вели Унковска.

Russland Kinderheim in Rogatschowo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Засилени теренски контроли

Од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) потенцираат дека постојано нудат решенија за посочените категории деца. Неодамна со теренска контрола биле откриени околу 400 лица кои немале документи по ниедена основа, а за индентификација на 70 од нив била неопходна и ДНК-анализа.

„Центрите за социјална работа во соработка со МВР спроведуваат и теренски акции за евидентирање трудова експлоатација на деца преку питачење или препродавање производи. Децата затекнати на улица веднаш ги сместуваме во дневни и транзитни центри“, вели портпаролот на МТСП, Давор Политов. Засега има два транзитни и три дневни центри за деца од улица - два во Скопје и еден во Битола. Во нив преку посебни програми децата се едуцираат против лошите навики, а потоа се вклучуваат во редовниот образовен процес. Според податоците на МТСП, околу 85 отсто од тие деца продолжиле со образованието и не се вратиле повторно на улица“.

Политов потсетува дека со програмата за инклузија на деца - Роми од предучилишна возраст, досега во градинки се згрижени околу 1.800 деца, а со програмата „Условени парични надоместоци“, децата од семејства во социјален ризик, кои имаат посетеност на наставата не помала од 85 отсто, се стимулираат со 12.000 денари годишно за потребите на средното училиште.

Процес на деинституционализација

Засега најголем проблем имаат децата од дисфункционалните семејства, во кои родителите се со низок степен на образование или без него и најчесто се зависници од пороци. Во тие случаи институционалното внимание треба да се насочи на два фронта - и кон децата и кон образование и јакнење на економскиот статус на родителите - да им обезбеди работен ангажман, што е голем проблем со оглед на восокиот процент на невработеност во Македонија. За лицата со посебни потреби се отворени 23 дневни центри, а се сместуваат и во т.н. мали групни домови.

Kinderhandel in der EU
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Тој процес на деинституционализација се покажа многу ефикасен во нивната социјална инклузија. Во Скопје е отворен и Дневен центар за деца заболени од церебрална парализа, подобрени се капацитетите во скопскиот Завод за рехабилитација на деца и младици и во Заводот во Бања Банско, а наскоро ќе биде отворен и дневен центар за деца со аутизам“, најавува Политов.

Тој потенцира дека новите тениски и фудбалски игралишта се изградени според неопходните стандарди за да бидат достапни за лицата со хендикеп.

И покрај мерките ма МТСП, низ широкото институционално сито се‘ уште поминуваат многу случаи кои остануваат на маргините, констатираат психолозите.

„Во отсуство на навремена и соодветна институционална помош, низ работата во Центарот се евидентирани се‘ поголем број деца и млади, кои по разни основи немаат еднаков достап до сопствените права на заштита, учење и развој, на кои државата е обврзана. Затоа, за успех на нашата иницијатива, неопходно е некаде по патот да се ’закачи’ и институционалната поддршка, која изостанува дури и тогаш кога е потребна минимално“, порачува Унковска.