1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како од такси возачи повторно стануваат лекари

Ане Алмелинг/ Жана Ацеска1 април 2013

Во Германија од пред една година во сила е т.н. закон за признавање на странските дипломи. Преку него доселениците од земјите надвор од ЕУ можат да ги подобрат шансите за работа. Но, се‘уште постојат бројни пречки.

https://p.dw.com/p/187ca

Високо образование, мотивираност и искуство, со овие предуслови постојат добри шанси на германскиот пазар на труд. Но, она што звучи разбирливо само по себе, до неодамна функционираше само ограничено, барем за луѓето кои се образувале во трета земја, на пример надвор од ЕУ. Зашто, квалификациите на наставниците од Лесото или на болничарите од Казахстан во Германија вообичаено не се признати. Тоа е причина зошто лекарите од Иран во Германија работат како такси-возачи.

Право на проверка

Оваа пракса се промени со законот за нострификација на странските дипломи. Од 1. април 2012 година доселениците имаат право да бараат проверка на квалификациите стекнати во странство. Доколку резултатот е позитивен, тие смеат и во Германија да работат во својата професија. Но, ако не се целосно исполнети стандардите пропишани во Германија, подносителите на барањето имаат можност за доквалификација.

Лани околу 30 илјади луѓе го оствариле правото кое го дава новиот закон, од кои над 8 илјади се лекари. Половината од нив во меѓувреме смеат да ја извршуваат својата професија и во Германија.

„Сега не е пресудна земјата на потеклото, туку квалификацијата која некој ја има“, вели Ева Милер, научен работник на Факултетот во Сојузната агенција за труд во Манхајм.

Долг пат до признавањето на дипломата

Но, до признавањето на дипломата има долг пат. Подносителите на барањето мораат да достават заверени документи од татковината, да ги приложат во превод и, што е особено тешко, да најдат соодветна германска референтна професија, која одговара на нивната квалификација. Помош притоа пружа „итната телефонска линија за признавање на странските квалификации“ во Сојузната служба за миграција и бегалци. „Програмите на образование и обуката се разликуваат во сите земји“, појаснува Ервин Шиндлер, надлежниот раководител за телефонската линија.

Zuwanderung in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

„За нашите соработници голем предизвик е да најдат која германска професија е споредбена со онаа на подносителот на барањето. Според нашата констатација потоа се раководи и службата надлежна за поднесените барања“.

Патот до неа е јасно регулиран, но комплициран. Зашто, за признавање на повеќето професии, како учители, воспитувачи и социјални педагози се надлежни покраините. Проблем е притоа што само во 5 од 16 покраини има покраински закони за нострификација на дипломите. Оној кој сака да му биде призната квалификацијата во покраина каде нема се‘уште потребен закон, мора да се стрпи додека тој да биде донесен.

„Во однос на покраинските закони, постои голема празнина, па многуте заинтересирани во моментов можеме само да ги утешиме“, вели Ервин Шиндлер.

Потреба од корекција на покраинско ниво

Значи, една година по усвојувањето на сојузниот закон, постои потреба од дополнување за странските дипломи да бидат признати на целата територија на Германија. Освен тоа, во Германија не постои соодветна диплома за некои квалификации стекнати во странство.

„Пример за тоа би била дипломата за Кунг-фу мајстор од Кина“, вели Ервин Шиндлер.

На ваков човек, колку и да е обучен, мотивиран и искусен, во догледно време не може да му биде призната квалификацијата.