1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како палестинските христијани го слават Божик?

Флоријан Мебес / Симе Недевски25 декември 2012

Магар слави Божик.Тоа е мал арапски град во Израел, во кој живеат христијани, муслимани и друзи. Тоа е многу необично, бидејќи арапските градови во Израел најчесто се населени со припадници од една вера.

https://p.dw.com/p/178qc
I
Фотографија: Florian Mebes

Само неколку километри од Галилејското езеро и неговите градови Тиберијада и Капернаум, прославата на Божик е во полн ек. Улиците на христијанската населба во Магар се украсени со светилки, во продавниците се изложени божиќни украси, девојчињата во црвено-бели униформи се враќаат дома од училиште. Особено внимание населението му посветило на уредувањето на единствената црква во градот.

„Кога ја гледам осветлената црква ме обзема празнична атмосфера“, вели 24-годишниот Наим Артул. Заради божиќната прослава, тој дошол во татковината. Течно зборува германски, бидејќи студира медицина во Германија. „Овде сме околу 5.000 христијани и затоа е тука помирно отколку, на пример, во Назарет“, раскажува Кристијан Танус, кој исто така има 24 години и студира медицина во Германија.
Витлеем и Назарет се најпривлечни места за верниците за време на Божик и туризмот цути. Но тоа не е случај во Магар каде живеат неколку илјади христијани.

Хаотични сцени за време на божиќната миса

Арапското прославување на Божик се одвива малку поразлично отколку во Германија: светата миса се одржува на првиот ден на Божик. Пред преполната црква, се’ е помалку хаотично, но истовремено и свечено. По мисата, луѓето разговараат, меѓу групите луѓе неуморно трчаат деца, потоа семејствата се собираат дома. „Кај нас Божик се слави како и во Европа, но традиционално се подготвува месо на скара-мангале“, кажува Атул, кој е возбуден поради прославата. Секое христијанско семејство пред куќата распалува скара, па поради големиот чад кој се крева, небото воопшто не се гледа. По обилното јадење и пиење доаѓа „Баба Ноел“, односно Дедо Мраз на арапски, кој децата ги дарува со слатки.
Магар се наоѓа на плодниот северен дел на Израел, во историската Галилеја, која се простира од Средоземјето на запад, до долината на реката Јордан на исток и планината Хермон на север. Околу 20.000 граѓани на арапскиот град се поделени на 3 верски заедници: 57% друзи, 20% муслимани и 23% католички христијани. Местото се наоѓа на планината Хазур, во повисоките делови се населени друзите, додека во долината живеат муслимани и христијани. Религиската припадност е дефинирана со, за посетителите, невидливи граници помеѓу деловите на градот. Населението во Магар точно знае кој на кој дел од градот му припаѓа и во кое време може да се задржи на друга територија.

Weihnachten im gelobten Land
Божикно украсената црква во МагарФотографија: Florian Mebes

Малцинство во малцинство



Палестинците кои живеат во Израел се малцинство кое сочинува околу 20% од населението, а палестинските христијани во Израел се малцинство во тоа малцинство: само 8% се христијани, останатите се муслимани или друзи. На пример, во Магар јасно се гледа дека арапското малцинство во Израел е поделено бидејќи има различни конфесии. „Најчесто останувам во мојата населба и овде главно е мирно“, го опишува Танус секојдневието во Магар. Но мирот е кревок. Во февруари 2005 година избувнаа немири, кога се прочуло дека едно христијанско момче објавило на интернет фотографии од едно разголено девојче од заедницата на друзите. Илјадници друзи се упатија кон христијанскиот дел, запалија автомобили и куќи, и ограбија продавници.
Немирите од минатото и денес влијаат врз секојдневниот живот во Магар. Луѓето живеат едни покрај други, без дијалог. „Помеѓу младите поделбата е се’ поголема“, кажува Танус. Артул додава: „Мојот фризер им припаѓа на друзите и јас немам никаков проблем да купувам во нивниот дел. Но непријатното чувство е секогаш присутно.“ Тоа е сеприсутната состојба во земјата исполнета со конфликти - Израел.

I
Украсени излози во продавниците во МагарФотографија: Florian Mebes