1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како пред Брисел?

Горан Петрески11 септември 2006

Новата македонска влада пред претставувањето во Брисел ја одреди позицијата на земјата во однос на евро-атлантските интеграции. За успех ќе се смета добивањето датум за старт на преговорите за членство во ЕУ дури и догодина. Владата сега ќе се концентрира на НАТО, во пресрет на ноемврискиот самит во Рига.

https://p.dw.com/p/AdcU
Фотографија: AP

Вчера владата ја усвои годишната национална програма за членство во алијансата,стратешки документ што премиерот Груевски ќе му го презентира на генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер. Пред денешното заминување на владината делегација за Брисел, министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски изјави:

“Оваа влада нема илузија дека она што претходната влада не успеала да го направи за четири години – да добие датум за преговори, дека ние ќе го добиеме во следните три месеци. Ќе дадеме се од себе, но не сакаме да ги подигаме нереално очекувањата на граѓаните и на јавноста. И, сакаме да известиме дека следната година очекуваме да добиеме датум за преговори.“

На средбата со евро-дипломатот Хавиер Солана и еврокомесарот Оли Рен, македонската влада ќе аргументира дека обврските преземени со добивањето на кандидатскиот статус остануваат врвен приоритет за неја. По вчерашната владина седница, вице-премиерката за евроинтеграции, Габриела Коневска, рече дека периодот што следи ќе биде искористен за подготовки за преговорите за членство.

“Позицијата на Македонија ќе биде дека ние преговорите ги прифаќаме како една од најглавните заложби и цели на Република Македонија. Главен приоритет е прашањето на европската интеграција, што поскоро членство во ЕУ и отворање на преговорите.“

На прославата на денот на независноста, премиерот Никола Груевски, на граѓаните им вети:

“Во некое време, во годините што ги очекуваме – прво членка на НАТО, а подоцна и членка на ЕУ“.

Истовремено со високата владина делегација во Брисел патуваат и партиски претставници на опозиционата ДУИ. Тие ќе ги запознаат евродипломатите дека го бојкотираат парламентот оти премиерот Груевски ги изостави од владата.