1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како против десниот екстремизам?

17 ноември 2011

Германската влада свика итен кризен самит откако истрагата во врска со серијата убиства на странци во Германија од страна на неонацистичката група од Цвикау открива се‘ поголем број пропусти на надлежните органи.

https://p.dw.com/p/13CDJ
Фотографија: picture-alliance/ dpa

На средбата во Берлин на која ќе учествуваат сојузните министри за внатрешни работи и за правда и нивните ресорни колеги од покраините ќе се разговара за поуките што треба да се извлечат од случајот со неонацистичката група која долго време дејствувала неоткриено.

Претседателот Вулф го осуди неонацистичкиот терор

Германската канцеларка Ангела Меркел одново побара консквенци. Германскиот претседател Кристијан Вулф сака да ги покани на разговор роднините на жртвите на неонацистичкиот терор.

„Потресен сум и го делам огорчувањето на луѓето во земјава. Се поставува прашањето дали државата била одговорна кон жртвите и нивните блиски и дали протагонистите во десноекстремните кругови се следени во доволна мерка. Дали можеби сме дозволиле да бидеме водени од предрасуди!“, истакна Вулф.

BMZ Wulff Jubiläum Bundesministerium für wirtschaftliche Zusammenarbeit
Претседателот на Германија Кристијан ВулфФотографија: dapd

Претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, Ајман Мациек критикуваше што истрагата прво ги сомничела семејствата на жртвите:

„По терористичките напади од 11 септември во Германија беа воведени редица закони за одбрана од теророт, но со жалење мислам дека тие беа насочени само против радикалите кои за параван го користат исламот, но не и против десните радикали. Муслиманските доселеници и нивните семејства веќе не се чувствуваат безбедни, кој знае дали на контото на десните екстремистички терористи нема да се најдат дополнителни убиства?“

Постојат информации дека баварската полиција во истрагата на серијата убиства се сомневала дека станува збор за десноекстремна заднина, но зошто не се следела таа трага, не е јасно.

Thema Zwickauer Terrorzelle rechtsextremistischer Terror in Deutschland
Извадок од видеото со признание на терористичкото трио од ЦвикауФотографија: dapd

И политичари во визирот на неонацистичката група

Двајца од неонацистичката тројка од Цвикау се мртви, се тврди дека извршиле убиство. Беате Чепе, нивната соучесничка во серијата убиства од 2000-та до 2006 година, во која настрадаа осум граѓани со турско потекло и еден Грк, како и една полициска службеничка, се наоѓа во притвор и можно е денеска да даде изјава.

  Во меѓувреме е објавено дека можеби и политичари се наоѓале на нишан на неонацистичката група. Сојузната служба за борба против криминалот потврди дека пронашла листа со вкупно 88 имиња, меѓу нив двајца пратеници во Бундестагот и многу претставници на муслимански организации.

Bundesinnenminister Hans-Peter Friedrich
Министерот за внатрешни работи Ханс-Петер ФридрихФотографија: picture alliance/dpa

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих го повтори своето барање за централен регистер на десноекстремните насилници. Идејата ја поддржа и претседателот на Комисијата на Бундестагот за внатрешни работи, Волфганг Бозбах. Тој апелираше на истрагата за целосно расветлување:

„Оној кој се‘ уште задржува информации, не ја сфатил сериозноста на ситуацијата“, предупреди Бозбах.

Автор: ЖА/ АТ/ дпа/ дапд/ дв

Редактор: Александра Трајковска