1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се слави Бадник

6 јануари 2010

Со богата посна трпеза и бадниково лепче со паричка, вечер се слави Бадник, денот спроти големиот христијански празник Божик за православните христијани.

https://p.dw.com/p/LLuo
Бадниково гранчеФотографија: MIA

Со традиционалните коледарски песни, малите дечиња од рано утрината по стариот добар обичај одеа од врата до врата на христијанските домови, чин кој според црковните верувања го навестува скорешното Христово раѓање. Вредните дечиња за својот труд и испеана песна добиваа костени, бонбони, јаболка, портокали и некој денар. Во околината се` уште се чувствува чадот од големите коледарски огнови, кои до доцна во ноќта традиционално гореа. Во секое маало масовно се славеше, со песна, оро, греана ракија и вино, и неизбежната погача, како години наназад. Марин од скопската населба Тафталиџе објаснува дека традицијата се` повеќе добива на значење.

Да се биде кум е голема чест

По стариот добар обичај, се крши погача и се избира новиот кум за следниот Бадник. Да се биде кум е голема чест, привилегија и најава за бериќетна година. Наташа Самарџиева тоа го почувствува годинава. За неа тоа претставува огромна привилегија. Се радува на можноста да даде свој придонес за еден ваков голем верски обичај и им посакува на сите барем еднаш во животот да почувствуваат како е да се биде кум на Бадник.

Централната прослава пред Соборниот храм

Mazedonien Kirche KLiment Ohridsk in Skopje
Соборниот храмФотографија: Petr Stojanovski

Традиционално, кулминација на денешниот Бадник беше централната прослава пред Соборниот храм, каде се примопредава кумството. Познатиот хирург Јовица Угриновски во наредните 12 месеци ја има честа да биде кум, привилегијата ја наследува од досегашните кумови, групата Синтезис. Дејан Стојановиќ е еден од организаторите на манифестацијата, која веќе 18 години собира стотици верници. За Дојче веле тој објаснува дека идејата на манифестацијата е да се анимираат помладите што помасовно да присуствуваат на овој голем верски настан.

Вечер во кругот на семејството

Вечер е Бадник, времето кога според традицијата семејството се собира на посна богата вечера. Се вади од се` по нешто како адет но и за бериќет, годината да биде богата. Се крши погача со паричка. На оној на кој ќе му падне, се верува дека ќе го следи среќа и здравје во текот на целата година.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска