1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Како се чувствувате кај нас?“

Наоми Конрад / Елизабета М. Фиданоска4 октомври 2013

Околу пет проценти од новите пратеници во Бундестагот имаат мигрантско потекло и честопати им е жал кога ги дефинираат само на тој начин.

https://p.dw.com/p/19qwe
Фотографија: picture-alliance/dpa

Има новинари кои ја доведуваат до очај Азиза Танк. Новинари кои прашуваат: „Госпоѓо Танк, како се чувствувате кај нас?“, а притоа не мислат ништо лошо. „Кај нас“, како Танк, која има турско потекло и над 40 години живее во Германија, да е дојдена во куса посета на земјата. Како набргу да ќе ги спакува куферите и ќе се врати во родната земја, која за нејзе одамна е само место за одмор. Како да не е избрана за пратеник на Партијата на левицата во Бундестагот.

Танк одмавнува со главата и со воздишка вели: многу Германци, како што таа ги нарекува „биолошки Германци“, радо ги ставаат луѓето во различни фиоки. „Мојата е мигрантската фиока.“ Танк се смее. Во нејзиниот германски се меша нејзиното германско-турско потекло, ситните граматички грешки и извесен акцент. „Тоа со акцентот го правам намерно. Мислам дека е убаво.“ Ги крева рамената и продолжува: „Можеби ќе дојде време кога веќе нема да ме прашуваат - од каде всушност доаѓаш?“

„Примерите се важни“

Пратениците и новинарите минуваат забрзано покрај прозорецот на малото кафуле во берлинскиот владин кварт. Бундестагот, новото работно место на Танк, е оддалечен само неколку чекори. Танк, која до своето пензионирање во 2009 година работеше околу 20 години како ополномоштеник за прашања на интеграцијата во Берлин, никогаш не припаѓала на партија, „туку само на женско движење“. Меѓутоа, кога од страна на Партијата на левицата била прашана дали сака да се кандидира за пратеник, брзо рекла ДА. Таа сака да се ангажира за рамноправност на луѓето со мигрантско потекло и против расизам. „Темите за интеграција“, како што ги нарекува, „се мои теми“.

Die LINKE Azize Tank
Азизе ТанкФотографија: imago/Jens Jeske

Се кандидирала „зашто примерите се важни, пред сѐ за младите луѓе“. Во текот на изборната борба на неколку ученички, чии родители се од Турција или Иран, им рекла: „Денеска мојот изборен плакат виси на уличните светилки. Во иднина таму мора да виси некој ваш плакат.“

Танк е една од 35-темина пратеници со мигрантско потекло во Бундестагот. Во 2009 година ги имаше 11-мина. Бројот на пратеници со турско потекло порасна од 5 на 11. „Тоа е за поздравување, но сѐ уште е премалку“, оценува Филиз Демирел од „Мрежа на луѓе со мандат кои имаат турско потекло“. Бројот на лица со мигрантско потекло во Германија изнесува околу 20 проценти. Се разбира, тие не се интересираат само за прашања на интеграција, како што е двојното државјанство, туку и за зголемување на даноците или за пакетите за спас на Грција.

Кршење на табуа

Сепак, одредена репрезентативност во Бундестагот е и покрај тоа - важна. „Разноликоста во Германија може да стане реалност само ако има среќавања, како во политиката, така и во економијата.“ Луѓето со мигрантско потекло, исто така, може да бидат поттикнати на ангажман преку видливи политички примери. Тоа партиите го сфатија. „Сие партии ловеа гласови од луѓето со мигрантско потекло.“ За таа цел, на кандидатските листи имаше имиња на стотици кандидати со мигрантско потекло, што е позитивен развој.

Özcan Mutlu Bündnis 90/Die Grünen Berlin
Озкан МутлуФотографија: picture-alliance/dpa

И Озкан Мутлу, пратеник од редовите на Зелените, беше еден од тие кандидати. Нему му пречи што честопати го сведуваат само на неговото турско потекло, тоа што тој, „партискиот војник“, кој е еден од пратениците со најголем стаж во Бундестагот, за многумина колеги сѐ уште е „турскиот пратеник“ и што новинарката го прашува за интеграција и миграција, иако тој е експерт на Зелените за прашања на образованието. Притоа, притисокот од конкуренцијата, барем во неговата партија, е еднаков за сите, никој не е фаворизиран и „добро е што е така“ вели Мутлу. Тој може да си претпостави дека во новата влада можеби ќе има еден министер или еден-два државни секретари со мигрантско потекло, но повеќе не. За повеќе Германија сѐ уште не е зрела.

Интервјуто со него постојано го прекинуваат негови колеги, кои го удираат по рамо и му честитаат на изборот. Во наредните денови следува преселба во Бундестагот. Мутлу нагласува дека можеби ќе се концентрира на внатрешна политика. Конечно, кај теми како десен екстремизам и внатрешна безбедност, има уште многу да се направи. „Тоа би било новина - Турчин како политичар надлежен за внатрешна политика“, вели тој смеејќи се. „На такво нешто луѓето ќе мора прво да се навикнат.“