1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како староста да биде поубава

2 јануари 2011

Само 250 до 300 најсреќни пензионери од цела Македонија имаат можност да дојдат до соба во пензионерските домови, со кои стопанисува ПИОМ, во кои за симболични цени добиваат солидни услови за живеење.

https://p.dw.com/p/QV6f
Да се најде пристоен покрив над главата во стари деновиФотографија: Petr Stojanovski

Во Македонија има 275.000 пензионери, а огромниот дел од нив имаат мали пензии и едвај сврзуваат крај со крај во месецот. Само 250 до 300 најсреќни од цела Македонија имаат можност да дојдат до соба во пензионерските домови, со кои стопанисува ПИОМ, во кои за симболични цени добиваат солидни услови за живеење.

Во Македонија, последниве неколку години, се изградија и повеќе приватни старечки домови, но во нив местото чини многу скапо.

Пензионерите имаат потреба од повеќе домови, бидејќи во моментов за слободна соба се чека најмалку пет години. Во Скопје има четири пензионерски домови, со околу 200 слободни соби, и уште стотина во десетината други низ Македонија, што е премалку за огромниот број пензионери, вели секретарот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Драги Аргировски.

Тој смета дека транзицијата го стори своето и пензионерите се наоѓаат во тешка состојба.

„Генерално стандардот на пензионерите е многу опаднат. Во 1990 година соодносот плата-пензија беше 77 отсто, а во годините на транзицијата тој опадна на 50 отсто. Европскиот стандард вели дека се‘ што е под 60 отсто на тој сооднос се смета за сиромаштија“ вели Аргировски.

Тој вели дека пензионерите не се мират со ваквата ситуација и постојано притискаат врз владата за подобрување на нивниот стандард. Во моментов најголем интерес покажуваат за донесување на Стратегијата за стари лица 2010 -2020 година, како и за обезбедување средства за изградба на нови пензионерски домови.

„Мора да се каже дека пензионерите се дел од нашиот живот, дека секоја држава мора да се грижи за нив, бидејќи кај нив е мудроста и од тие причини не треба да се остават на маргините на општеството“, додава Аргировски.

Warnschild Verkehr Vorsicht Altersheim
Фотографија: Fotolia/Stephen Finn

Староста може да биде и лесна

Дека староста и не мора да биде толку тешка, туку напротив, дури може да биде и убава и лесна, покажува примерот на пензионерката Милица, која веќе 11 години сама живее во двособен стан во пензионерскиот дом во Аеродром. Во домот влеговме за време на ручекот. Во вкусно уредената дневна соба таа го довршуваше оброкот, додека во рерната се печеше тиква.

„Условите се многу убави. Ова е празен стан, што јас го наполнив. Поволен е за пензионери, бидејќи јас за овој стан од 32 квадрати со спална, дневна и бања, плаќам 1.000 денари месечно“, вели оваа пензионерка.

Привилегија на малкумина

Да се има топол дом, доволно храна, нега и некакви пристојни услови во највозрасната доба од животот е желба на секој пензионер. Но, само мал дел од нив ја имаат оваа привилегија.

„Има и лоши работи, има и добри. Знаете, старите се сите со посебни карактери, сите на крајот ’откачуваат’. Некои се покротки, некои се подиви,“ вели Милица.

Од сите пензионерски домови во Македонија условите во домот „Јане Сандански“ се далеку најдобри. Располага со 142 станбени единици и е најголемиот дом во Македонија или само тој има двојно повеќе соби од другите три пензионерски домови во Скопје. Половината од собите се целосно реновирани со нови бањи, ламинати, прозорци и врати.

Grafik Krückstock mit Regenbogenfarben Thema Altersheim für Homosexuelle
Фотографија: AP/DW/Fotomontage

„Условите во овој дом во последните две години се на многу повисоко ниво од порано , затоа што од почетокот на експлоатацијата во 1975 година во него немаше вложено никакви средства. Сега изгледот е многу поинаков“, вели управникот на домот, Вељан Стојковски, кој додава дека освен ПИОМ, кој стопанисува со домовите, за пензионерите речиси никој друг не покажува интерес.

„Ние успеваме на некој начин, во овој и во другите домови, од време на време да им организираме некаков културно забавен живот на станарите, за да им покажеме дека не се осамени и дека некој се грижи за нив“, додава Стојковски

Решението на проблемот на пензионерите е во изградбата на нови домови, во организирање на дневни центри, во анимацијата на 600-те клубови на пензионери. Интенцијата е во нив тие да можат да минуваат спокојни, но и исполнети мигови со што ќе можат да го надминат чувството на меланхолија и изолација, карактеристични за повозрасните луѓе, да стекнуваат нови пријателства и да ги обноват старите пријателства.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска