1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Таксин Шинаватра стана Црногорец?

20 мај 2009

Невладините организации стравуваат дека издавањето на црногорски пасош за поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра, кој е осуден за корупција, би можело да ја загрози визната либерализација за Црна Гора.

https://p.dw.com/p/Hsm9
Таксин ШинаватраФотографија: AP

Во целата оваа мешаница околу Шинаватра само еден факт е неспорен. Поранешниот тајландски премиер има црногорски пасош. Кој, кога и каде му го издал овој документ на овој бегалец од правдата во неговата земја, се’ уште не е утврдено.

Црногорскиот министер за внатрешни работи и за јавна управа Јусуф Каламперовиќ одбива да ја информира јавноста за тоа, повикувајќи се притоа на одредбите од законот за заштита на личните податоци.

„Јас направив грешка кога на почетокот на годината ги објавив имињата на некои луѓе кои имаа добиено црногорски пасоши. Таква грешка повеќе нема да се повтори и нема да соопштуваме лични податоци“, изјави неодамна Каламперовиќ.

Karte von Kosovo Serbien Albanien und Montenegro
Фотографија: AP GraphicsBank/DW

Ќе биде ли загрозена визната либерализација?

Но и министерот знае дека правниот акт на кој се повикува започнува да се применува дури од 30 јуни годинава, зашто иако беше усвоен во декември, беше договорено тој закон да започне да се применува шест месеци откако ќе стапи во сила. Со ембаргото на информации за издавањето на пасошот на лице осудено за корупција, властите во Подгорица можеби настојуваат да го прикријат кршењето на домашните и на меѓународните прописи.

Вања Чаловиќ од мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС) вели дека Министерството за внатрешни работи на Црна Гора би требало по службена должност да покрене постапка на одземања на пасошот на Таксин Шинаватра.

„ Првенствено од причина што очигледно е прекршен црногорскиот закон за државјанство, бидејќи пасошот му е врачен на човек кој е правосилно осуден за корупција и против кого во тек се неколку истраги. Во таа смисла очекуваме министерот по службена должност да покрене постапка на укинување на пасошот кој му е издаден на Шинаватра, од причини што тоа може да ја загрози постапката на визна либерализација за граѓаните на Црна Гора“.

Budva Altstadt, Montenegro
БудваФотографија: DW

Шинаватра сака да купи остров кај Будва

Медиумите во Подгорица шпекулираат дека Шинаватра бил заинтересиран да купи дел од островот Свети Никола кај Будва, чив власник е „Прва банка“, која ја контролира братот на црногорскиот премиер Ацо Ѓукановиќ. За купување на островот треба да се издвојат дваесетина милиони евра. Веќе со месеци „Прва банка“ има големи проблеми со ликвидноста.

А амбасадата на Тајланд во Унгарија побара од црногорската влада да и‘ помогне во фаќањето на Шинаватра, за да може тој во неговата родна земја да ја отслужи затворската казна. Инаку, по убиството на поранешниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ беше откриено дека припадниците на т.н „Земунски клан“, меѓу нив и лидерите Душан Спасојевиќ и Милорад Луковиќ- Легија имале црногорски пасоши и лични карти.



Автор: Мустафа Цанка/ Симе Недевски


Редактор: Жана Ацеска