1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како функционираат најпознатите елитни клубови?

24 септември 2011

Тајните здруженија и елитните групации отсекогаш го привлекуваат вниманието на јавноста. Клубовите кои примаат исклучиво избрани луѓе се посебно интересни. Ви ги претставуваме трите најпозанти светски елитни клубови.

https://p.dw.com/p/12fXL
Приватните клубови ја дразнат љубопитноста на „обичните смртници“Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Германија неодамна е отворен илјадитиот „Ротари клуб“. Неговиот таинствен  ореол едноставно е неодолив. Оние кои не му припаѓаат, копнеат за членство и привилегиите кои ги обезбедува овој клуб, оние кои се членови, уживаат голем углед во општествените кругови. И покрај децениите постоење, ексклузивните клубови не ги прекрива превезот прашина. Тие во ниеден поглед не изгубиле од својот шарм. Критичарите радо им припишуваат недоволна ексклузивност и „млада крв“, но клубовите како „Ротари“ или „Лајонс“ стануваат се‘ попопуларни.

Ротари клуб

Неодамна и Штутгарт го доби својот „Ротари клуб“. Организацијата во Германија брои вкупно 51 148 членови, а судејќи според досегашните трендови, се очекува континуиран пораст на бројката. Постои разлика меѓу „Ротари клубот“ и „Ротари Интернешнл“ клубовите, каде се користи германски и англиски јазик, бидејќи мнозинството членови е со странско потекло. Во целиот свет, во повеќе од 33 илјади „Ротари“ клубови, членуваат околу 1,2 милиони луѓе. Главно тоа се директори или водечки личности во фирми, но клубот не е претерано избирлив по прашањето на професионалната ориентација.

„Не се потпираме исклучиво на академци, но по правило клубот се обидува да изврши своевидна рамнотежа“, нагласува Сузане Битнер, портпарол на „Ротари“ за Германија. Така, во клубот се избира по еден претставник од секоја дејност. Процесот на зачленување е комплициран, не е можен самоиницијативен пристап. Само етаблираните членови можат да предложат кандидат за пристап, потоа следи постапка која ја води Комисија за прием нови членови. При зачленувањето не се плаќа ништо, но годишно членовите се обврзани да платат членарина чиј износ го утврдува самостојно секој клуб. 

Logo Rotary Club
Лого на „Ротари клуб“

Од 1989 година вратата на „Ротари“ клубовите е отворена и за жените, привилегија што морала судски да биде изборена. Во меѓувреме секој шести член е жена.

Под мотото „Сервис абав селф“ (Услугата пред се‘), „Ротари“ се посвети на хуманитарна работа. Главниот проект на клубот е борбата против детска парализа, но членовите се ангажираат за мир, подобрување на меѓународните односи и поттик на младите. Секоја година 800 студенти примаат стипендија за еден семестар во странство. И покрај ваквите хуманитарни ангажмани, „Ротари“- клубовите ги следат главно негативни асоцијации. Преовладува мислењето дека се затворени, доволни самите себе си, елитистички друштва. Членовите се состануваат еднаш неделно, слушаат предавања на актуелни теми, постои обврска за присуство на најмалку половина од средбите.

„Лајонс клуб“

„Лајонс клуб“ е исто така хуманитарен елитен „услужен клуб“, чие мото гласи: „Ние служиме“. Клубот има 1,4 милиони членови, а во Диселдорф во 1951 година е основана првата германска филијала. Моментно во Германија членуваат речиси 50 илјади луѓе во 1484 клубови.

Членството е по пат на препорака, но заинтересираните можат да се обратат на клубот, по што следи некој вид запознавање, па членовите одлучуваат за прием или одбивање на „новајлијата“. Одлуката мора да биде едногласна. Целта е клубот да се одржи што помал и попосебен. Ако членството расте пребрзо, се советува поделба на клубот и од еден се прават два.

Lions Club International
Препознатливиот знак на „Лајонс клуб“Фотографија: picture-alliance/ZB

Членовите се должни годишно да платат одредена сума пари.

Покрај членарината, се одвојува дополнителна сума пари за клубот, зависно од сопствените можности. Тие средства се користат за социјални проекти. Членовите на Лајонс-клубовите се состануват еднаш месечно, на дневен ред се актуелни предавања или пак планирање заеднички патувања.

„Сохо Хаус“

Целосен новитет во светот на луксузните клубови претставува берлинскиот „Сохо Хаус“. Инспирирани од англискиот пример на старите приватни клубови, овде се собираат креативци, уметници и музичари, па уживаат во лежерната атмосфера и панорамата на својот град. Клубот се наоѓа во центарот на Берлин во некогашното седиште на партијата на германските комунисти од ГДР. На осум ката „Сохо Хаус“ на своите членови им нуди многу активности - тука може да се плива, да се тренираат различни спортски дисциплини, да се јаде, да се гледаат филмови или пак, нуди едноставно меѓусебно дружење. Сохо има свои клубови во Лондон, Њујорк и Холивуд.

Berlinale 2011 - Soho House
„Сохо Хаус“ во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

Постапката на прием не се разликува битно од останатите елитни клубови. Оној кој сака да се зачлени, се пријавува, а препораката на двајца членови би требало да биде уверлива за клубот. Се формира 40-член одбор кој во текот на три месеци одлучува кому ќе му даде одобрение, а кој ќе биде одбиен.

При отворањето на „Сохо“ граѓаните беа доста скептични и сметаа дека ваков вид клуб во Берлин нема иднина. Но, уште првата година Сохо ги разувери скептиците и собра две илајди членови. Кризата во овие кругови не се чувствува. Секој член годишно плаќа најмалку 900 евра, а интересот расте постојано.

Автор: Арне Лихтенберг / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска