1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како јорганот да ги покрие нозете...

30 октомври 2009

Волфганг Шојбле е новиот германски министер за финансии. Идната економска политика на владината коалиција е одлучувачки фактор за излез на Германија од длабоката криза.

https://p.dw.com/p/KIiu
Граѓаните треба да бидат растоварени од даноци, но како?Фотографија: picture-alliance/ dpa

На новата владина коалиција на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и Партијата на слободните демократи (ФДП) и’ претстои тешка задача, оти Германија се‘ уште е во длабока криза. Таа енормно ќе ги зголеми долговите на државата во наредните години. Многу работи зависат од идната финансиска и економска политика.

Шојбле го презема ресорот финансии

Повеќето луѓе на 67-годишна возраст веќе се‘ пензионери, а Волфганг Шојбле допрва се впушта во еден од најголемите предизвици во животот. По желба на сојузната канцеларка, политичарот од ЦДУ и досегашен министер за внатрешни работи, кој по атентатот во 1990 година е во инвалидска количка, го презема ресорот финансии: „Во целиот свет владее навистина драматична финансиска и економска криза и никој не знае каква ќе биде состојбата по две години. Нема да ми биде многу забавно на оваа функција, но сметам дека ако и понатаму сериозно ја сфаќаме одговорноста, можеме како и досега добро да ја водиме земјата низ кризата и да ја извлечеме од неа.“

Поповолна даночна политика

Zukünftiger Finanzminister Wolfgang Schäuble
Волфганг ШојблеФотографија: picture-alliance/ dpa

Коалициониот договор нема да му ја олесни работата на Шојбле. Граѓаните во иднина треба да бидат растоварени од данок во износ до 24 милијарди евра. Претходната влада исто така усвои намалување на даноците за околу 14 милиони евра. Сега ќе биде повишен износот за ослободување од данок за секое дете, односно ќе биде зголемен делот од примањата на родителите за кој не мора да плаќаат данок. Покрај тоа, треба да има олеснувања кај даноците за наследство и за претпријатијата. За тоа се изборија либералите, чиј претседател Гидо Вестервеле е уверен дека тоа е исправно: „Ние сме уверени дека фер даноци се предуслов за пораст и нови работни места. Тие не само што придонесуваат за излез од кризата, туку се и предуслов за повторно да се подобри состојбата кај приходите на државата“.

Се предвидуваат нови долгови

Но никој не знае дали ваквата сметка бргу ќе се оствари. Институтот за светска економија од Кил смета дека оваа година државата ќе има за две милијарди евра помали приходи, од предвидуваните со даночните проценки од мај. Сигурно е дека сојузниот министер за финансии наредната година ќе биде принуден да планира нови долгови од околу 90 милијарди евра, поради договорите на коалиционерите, зголемувањето на невработеноста и финансиската дупка во здравството. Шојбле сепак го брани предвидливиот дефицит: „Кога ќе го надминеме тоа, ќе мора да правиме структурни реформи и да штедиме. Но, штедењето сега би било сосема погрешно.“

Времето притиска, оти сојузот и покраините од 2016 година натаму ќе смеат да се задолжувааат најмногу до само 0,35 проценти од бруто домашниот производ. Ваква кочница за задолжувањето тие самите допишаа во Уставот пред неколку месеци. Затоа мораат да сторат се’ за стопанството да тргне напред и да растат приходите на државата. Тоа го знае и канцеларката Ангела Меркел: „Сето е во функција да се создаде работа. Сто илјади невработени помалку се два милиона евра помалку трошоци за Сојузната агенција за работа и за системите за социјално осигурување, а со тоа и за приходите на државата.“

Големи се очекувањата од новиот министер

Wirtschaft Deutschland Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Доколку не се оствари политиката на коалиционерите за стопански пораст, тогаш министерот за финансии најдоцна за две години ќе мора да воведе строг курс на штедење и да воведе ограничувања. Сепак многумина, како на пример претседателот на Здружението на работодавачите Дитер Хунт, веруваат дека тој ќе успее: „Сметам дека е многу добра одлуката на г-дин Шојбле да му се додели одговорната функција на министер за финансии. Потребен е многу искусен, компетентен човек со јасен став, пробивност, доволно цврстина и баден-виртембершки однос кон парите.“

Шојбле доаѓа од југозападниот дел на Германија, каде на луѓето им се припишува дека се штедливи. На новата работа може да го искористи и своето претходно стручно знаење, оти докторира во областа на економското право, во почетокот на 70-те години беше советник во Даночната управа на Баден-Виртемберг, а потоа работеше самостојно како даночен советник и адвокат. Во политиката се ангажира уште во 60-те години, а од 1972 година е во Германскиот парламент. Тој сликовито го формулира своето животно мото, што гласи: „Кој не гледа преку работ на чинијата, ќе се удави во супата.“

Автор: Сабине Кинкарц / Јасна Мушиќ-Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска