1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кандидатите се изјаснија, на ред се делегатите

Катерина Блажевска2 јуни 2013

Тројцата кандидати за претседател на СДСМ, Зоран Јовановски, Зоран Заев и Кире Наумов, ги завршија 15-минутните излагања, во кои ги презентираа своите програми на 14. партиски Конгрес одржуван зад затворени врати.

https://p.dw.com/p/18iZF
Фотографија: Petr Stojanovski

Зоран Заев во своето обраќање ветил консолидација на партијата и изградба на победничка партија.

„Во три изборни циклуси по ред го декласирам системот на ВМРО-ДПМНЕ и режимот на Груевски. Ако ја добијам вашата доверба, тој победнички менталитет ќе стане доминантен. 2 јуни е почетокот на крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“, рекол Заев.

Неговиот противкандидат Зоран Јовановски, потенцирал дека влегува во трка со искрени намери, со програма и визија за победничка партија.

„Нудев економски решенија, понудив програма и се обидов да го зголемам гласачкото тело. Знам дека нема лесен успех. Не‘ чека многу работа, но знам дека во СДСМ има вистински потенцијал кој мораме да го искористиме и да се обединиме околу визиите за нашата иднина“, порачал Јовановски.

Како што тврдат извори присутни на Конгресот, третиот кандидат Кире Наумов, наводно својата програма ја презентирал во полупразна сала, бидејќи дел од делегатите не сакале да го следат неговото излагање.

По излагањето на тројцата кандидати отворена е дискусија за нивните партиски програми. Откако таа ќе биде исцрпена, ќе почне процедурата за гласање. За избран ќе се смета кандидатот што ќе добие над 50 отсто од гласовите под услов да се изјасниле најмалку една третина од вкупниот број на делегати. Гласањето е тајно. Дел од делегатите прогнозираат дека идниот претседател може да биде избран уште во првиот круг.

На почетокот на Конгресот, лидерот на социјалдемократите Бранко Црвенковски, повторил дека не ја прифаќа кандидатурата на Иницијативниот одбор за останување на лидерската позиција и дека сака да види нов, победнички СДСМ.

„Денес ќе се разделиме. Не можам да ја прифатам кандидатурата. На СДСМ му треба нова сила, нови чувари на огнот. Не се криев, не бегав. Ја преземам одговорноста за сите порази. Сакам новиот СДСМ да биде победнички и секогаш ќе бидам тука. Ви благодарам на лојалноста“, рекол Црвенковски.

Претставникот на Иницијативниот одбор Наум Буревски, кој побара од делегатите да ја поддржат иницијативата Црвенковски да остане лидер на партијата, замина незадоволен што не се зело предвид барањето на околу 30.000 членови на СДСМ и најави дека кој и да биде избран за претседател на партијата, нема да ја има нивната поддршка.