1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канцеларот и германското стопанство “ја откриваат” Индија

7 октомври 2004

Германскиот канцелар Герхард Шредер неделава е на 6-дневна турнеја по Азија. Од вчера тој престојува во Индија, каде денеска му претстои средба со премиерот на таа земја Манмохан Синг. Економските односи меѓу двете земји се во фокусот на посетата на канцеларот, а на разговорот со Синг ќе стане збор и за реформата на Советот за безбедност на ОН.

https://p.dw.com/p/AeQA
Шредер со домаќините пред почетокот на германско-индискиот стопански форум во Њу Делхи
Шредер со домаќините пред почетокот на германско-индискиот стопански форум во Њу ДелхиФотографија: dpa

На првиот ден од посетата Шредер беше гостин на предвременото одбележување на 50-годишнината на германско-индиската трговска комора, иако јубилејна е всушност 2006-та година. За да нагласи дека Индија е на пат кон модерна држава, претседателот на тамошната стопанска комора Јогендра Кумар Моди со гордост укажа дека анимацијата за филмовите “Спајдермен” и “Гладијатор” е правена во неговата земја, а не во Холивуд.

За Шредер Индија со нејзините 1,1 милијарда жители, е важен стратегиски партнер; нејзиниот збор се слуша како во понапреднатите земји, исто така и во Третиот свет, образложи канцеларот. Индија остварува енормен развој - годинава стопанскиот пораст изнесува 8 проценти. Новиот премиер Синг е еден од архитектите на тој пораст: како министер за финансии на почетокот од 90-тите години на минатиот век тој полека го отвори индискиот пазар.

Волуменот на германско-индиската трговска размена достигна пет милијарди евра. Реално е негово удвојување во наредните седум години, рече канцеларот пред претставници на стопанствата на двете земји. Притоа тој ја има предвид нужноста од инвестиции во индиската инфраструктура: изградба на патишта, железнички врски, аеродроми, како и во енергетскиот сектор, во што обемно би можеле да се вклучат и германски претпријатија. При сиот оптимизам и пријателски тон, Шредер искажа и критички зборови:

“Една од големите потешкотии без сомнение е дека се‘ уште недостасува ефикасност во донесувањето решенија од страна на државата и бирократијата”.

Канцеларот ги повика претставниците на германското стопанство во иднина посилно да ја имаат предвид Индија, а не само Кина и Јапонија. “Индија е земја во силен стопански подем и со право е во фокусот на германското стопанство. Би било погрешно да се фрла поглед само врз многу важниот кинески пазар, туку процесите во Индија, отворањето на нејзината економија оправдуваат ангажирање и овде”. Но, и самиот Шредер, за шест години откако е на функцијата, петпати ја посети Кина, а одвај втор пат е во Индија.

Денеска повеќе ќе станува збор за политиката, отколку за економијата. Герхард Шредер ќе биде прв европски шеф на влада што ќе се состане со новиот индиски премиер Манмохан Синг. Двете земји во некои работи имаат заеднички гледања и исти интереси: “Меѓусебно си ветивме дека заеднички ќе работиме на реформата на ОН и оти меѓусебно ќе се поддржуваме ако дојде до проширување на Советот за безбедност со нови постојани членови” – истакна Шредер спроти денешните разговори.

Попладне германскиот канцелар го напушта Њу Делхи и ќе се упати кон Виетнам, втората станица од неговата турнеја. Во Ханој тој ќе учествува на самитот Азија – ЕУ, заедно со претставници на уште 37 земји.