1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капата долу за Ирачани!

31 јануари 2005

Коментар на Петер Филип

https://p.dw.com/p/AcHk

Дури и ако учеството на изборите од преку 70 насто, како што објави синоќа ирачката изборна комисија, можеби е превисоко, успехот на првите слободни парламентарни избори во Ирак е надвор од секакво сомневање. На терористите не им успеа да го спречат мнозинството Ирачани во користењето на нивното избирачко право. На 5 илјади и 200 изборни места на гласање беа повикани околу 14 милиони избирачи за да изберат 275 пратеници на преодното народно собрание. Конечните резултати ќе бидат најрано познати по една недела. Во Ирак веќе имаше избори, но нивниот исход, посебно под Садам Хусеин, беше предвидлив и се приближуваше секогаш до границата од 100 насто. Или, како во 1954, едноствано беа анулирани зашто не им се допаднаа на моќните. Така, не ќе беше изненадување ако мнозинството Ирачани овојпат се заблагодареа и не учествуваа на изборите. Зашто наспроти поранешните избори, овие беа поврзани со висок личен ризик и немаше никакви гаранции дека вистина нешто ќе променат во Ирак. На Ирачаните затоа може само да им се честита: секоја чест што и покрај опасностите излегоа на изборите, со учество на кое и некои етаблирани демократии можат да му завидуваат. Но, големата разлика меѓу тие демократии и Ирак е во тоа што и по изборите земјата е многу оддалечена од демократија. Сепак, гласањето во Ирак беше јасен израз на желбата за учество во политиката. Секако, надеж, но и убедување дека таа надеж не може да се оствари без сопствен ангажман. Ова посебно важи за досега непривилегираните. Тоа во Ирак во прв ред беа Шиитите и Курдите. За првпат шиитското мнозинство виде шанса преку избори да го истакне својот удел во власта и ја искористи. И Курдите знаеја каква можност им се нуди. Без обете групи во идниот Ирак ништо нема да може да се случува. И сега се појавуваат скептиците кои аргуметираат дека овие избори не вредат, зашто Сунитите одвај да учествуваа. Дури и со најголем респект кон тоа што многу Сунити од оправдан страв не избираа, дали тоа вкупно ги обезвреднува изборите? Мнозинството ирачки Сунити сигурно беа заплашени од тероризмот на екстремистите во сопствените редови, како и од увезените терористи од типот на еден Мусаб Ал Саркави. Секоја идна влада мора да се грижи за тоа дека тие Ирачани што не гласаа можат да профитираат од нормализацијата на земјата. Од нормализација воопшто, што ќе биде напорна и ќе носи уште жртви зашто радикалите и фанатиците се уште се во земјата.

Мнозинството ирачки гласачи овие екстремисти јасно ги одби. Јасна задача за слободно избраниот парламент и за владата што ќе произлезе од тоа. Одбивањето на есктремистите се уште не значи дека е прифатено американското присуство кое сигурно ќе потрае. Меѓутоа, колку што Ирачаните ќе се етаблираат како политички способни и одговорни, толку поблиску ќе биде нивното заминување. Изборите беа првиот важен чекор во таа насока.

Петер Филип