1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капиталните проекти во фокусот на македонскиот штанд во Франкфурт

14 октомври 2011

Денеска (14.10) на Саемот на книгата во Франкфурт ќе биде организиран Македонскиот ден, на кој за првпат организирано 26-те македонски издавачи се претставуваат со повеќе од 500 свои книги и публикации.

https://p.dw.com/p/12rR3
Шанса за македонските авториФотографија: DW

Македонија годинава достојно се подготви за своето претставување на Саемот на книгата во Франкфурт. На Македонскиот ден како најзначајно ќе биде претставувањето на капиталниот проект на Владата на Република Македонија „130 тома македонска книжевност“. За првпат пред светската читателска публика ќе биде претставена и достапна на едно место целокупната македонска книжевност од 9. век до денес на англиски јазик, потенцира за Дојче веле Миле Бошески, директор на Националната и Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје, која од македонската влада го доби проектот на овој светски саем да ја претстави македонската книжевност и издаваштво.

„Знаеме дека англиското говорно подрачје е значително присутно во светот, така што сметавме дека е добро, прво на англискиот јазик да биде преведен овој проект за да може да биде подостапен до светот. Воедно, сега се работи и на проект овие 130 тома македонска книжевност да бидат преведени и на уште шест светски јазици, така што сето тоа ќе претставува извонредна можност целокупната наша книжевна продукција, како историска така и актуелна, да биде презентирана пред светот“.

Stand Mazedonien - Frankfurt Buchmesse
Вака изгледаше македонскиот штанд во Франкфурт минатата годинаФотографија: DW

Можност Македонија да даде претстава за својот цивилизациски придонес

Македонија на Саемот на книгата во Франкфурт се претставува и со публикации од релевантните македонски институции. Воедно, го претставува и своето богато културно книжевно национално наследство преку фрагменти од стари ракописи и стари печатени книги, потенцира Бошески.

„Тие, на некој начин, на посетителите таму ќе им дадат една слика, една претстава за нашиот цивилизациски придонес како народ, а исто така ќе бидат претставени и повеќе информативни материјали, меѓу кои и водичот кој што го издаде издавачката куќа ’Тримакс’ за Македонија, за Охрид, за Скопје, како и други промотивни информативни материјали кои се подготвени од релевантни институции. Исто така на овој саем ќе бидат претставени и неколку наши научни институции коишто имаат богато издаваштво.“

Македонија ќе ги претстави и антологиите на современиот македонски расказ и современата македонска поезија, како и проектот „Превод на добитниците на Нобеловата награда за литература, односно на дела на нобеловците и други автори кои од германски се преведени на македонски јазик.

Amerika-Gedenkbibliothek Berlin
Македонските автори добиваат можност да се претстават во ФранкфуртФотографија: DW

Шанса за македонските автори

Најголемиот саем на книгата е голема шанса за претставување на македонската книжевност и издаваштво во светот, можност да се направи релација каде сме во доменот на издаваштво како земја, потенцира Бошески и додава: „Третата димензија на ваква една манифестација, на еден ваков саем, е што се дава шанси за нашите еминентни автори да бидат претставени таму и да го понудат интересот кај светските издавачи да бидат преведувани на многу светски јазици“.

Меѓу 26-те македонски издавачи кои се претставуваат на германскиот саем е и издавачката куќа „Феникс‘‘. Нејзиниот директор Христо Петрески потенцира дека саемот воедно им пружа и можност да добијат многу информации, како на пример - до каде се стигнати светските издавачи со квалитетот на книгите.

„И воопшто, до каде е стигнат не само квалитетот на изданијата, туку јас би рекол и уметничката носивост и содржината на она што се наоѓа меѓу кориците на најрепрезентативните европски и светски издавачи и нивните изданија“.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска