1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карахасан: Јазикот е духовна татковина

Аја Бах / Александар Методијев28 август 2012

На босанско-херцеговскиот писател Џевад Карахасан денеска му се доделува престижната германска награда Гете. Неа од 1954-та година ја доделува Гете институтот, а од 1975-та јаа е официјално германско одликување.

https://p.dw.com/p/15xsY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: Господине Карахасан, неодамна вашата збирка есеи „Сенките на градовите“ е објавена на германски. Во неа Сараево го опишавте како град кој предизвикува да се раскажува за него.

Карахасан: Постојат повеќе објаснувања. Првото е дека историјата посебно интензивно се прекршува во Сараево. Овој град од создавањето повеќепати горел, доживувал опсади и бил речиси целосно уништен. Од друга страна од самиот почеток во Сараево живеат луѓе од различни конфесии. Тука живеат многу ентитети, тука има многу јазици, сите на куп, едни покрај други, но и едни против други, така што таму секогаш постоеше свест за културниот идентитет. Но, и за постојаната присутност на другиот и поинаквиот.

Дојче веле: Што Ве наведе да раскажувате за Сараево: присуството на оној другиот, што го кристализира сопствениот идентитет?

Карахасан: Верувам дека е тоа. Во секој случај тој град ми помогна да се дистанцирам од самиот себе. И откако пишувам свесно го раскажувам или се обидувам да го раскажам Сараево.

Дојче веле: Вие за време на војната во 1993-та година побегнавте од Босна. Во меѓувреме живеете наизменично во Сараево и во Грац, а престојувате и во други градови. Дали таа дистанца кон Сараево е важна, за да можете повторно да му се приближите?

Карахасан: Секако. Духот по дефиниција самиот од себе се дистанцира. Соништата за рајската состојба, за кои сонува нашата култура од времето на хеленизмот, во основа се соништа за состојбата без дух, за создавањето идентитет со самиот себе. Тоа за жал не оди, бидејќи колку и да сме луѓе, ние сме и духовни битија. А, духот всушност произведува дистанца и извесна свест за самиот себе.

Дојче веле: Тогаш тоа би значело дека би оглупавеле кога би доживеале состојба како во рајот?

Карахасан: Токму така.

Дојче веле: Вие сте родени како муслиман, но одевте во католичка гимназија. Дали и тоа го доживеавте како одреден вид на дистанца?

Карахасан: Често го посетував францисканскиот манастир. Францисканец ми предаваше латински и грчки. Интензивно комунициравме, така што јас, така да кажам, пораснав со три доживувања на светот (се смее). Мојот татко беше длабоко религиозен комунист, мојата мајка муслиманка, а многу мои пријатели и професори францисканци. Имате право – јас не ни можев да пораснам без дистанца кон самиот себе. И тогаш, како млад човек, бев свесен за комплексноста на човечкиот живот.

Дојче веле: Тоа Вас подоцна како писател ве направи човек кој гради мостови. Затоа и ја добивте наградата Гете. Дали и во Вашата рана фаза од животот се чувствувавте како градител на мостови?

Карахасан: Да бидам искрен – не. За мене е целосно нормално луѓето, затоа што им е подарен дух или затоа што тоа е нивно проклетство, да живеат во различни култури и да се свесни за својот идентитет.

Schriftsteller Dzevad Karahasan
Џевад КарахасанФотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: За Вас е нормално, а за многумина други очигледно не е, што зборувате за дијалогот на културите. Дали навистина постои таков еден дијалог?

Карахасан: Мислам дека постои. Од памтивек постојат луѓе кои посакуваат власт. Тие создаваат стравови и несогласувања. Бидејќи најлесно е да се владее и да се совладаат исплашените луѓе. Стравот е најсоодветниот инструмент за поробување на луѓето. Но, од дамнина постојат луѓе кои сакаат да го живеат својот живот без страв од оние кои се на власт. Таквите луѓе водат дијалог. Дијалогот на културите е постојано присутен. Тој само намерно се попречува со произведени стравови. Но, тој постои.

Дојче веле: Дури подоцна почнавте да пишувате на германски. Што Ве наведе на тоа?

Карахасан: Ретко пишувам на германски, само мали текстови, кои ги корегира мојата лекторка или некои други луѓе на кои германскиот им е мајчин јазик. Германскиот е премногу комплексен јазик и премногу го сакам за да можам или знам на него да пишувам драми или проза. Кога би се обидел тоа да го направам, тогаш тоа би било, да бидам искрен, поедноставување, симплификација. А, од поедноставувања се плашам повеќе од што било друго.

Дојче веле: Сепак брилијантно се изразувате на германски. Дали германскиот за Вас стана втора татковина?

Карахасан: Впрочем да. Многу писатели кои ги сакам пишуваат на германски, а тоа се Бихнер, Клајст, Гете, Хофман. Некои од нив најпрво ги читав на мојот јазик, па дури потоа на германски или обратно. Сега сите овие приказни ги имам во две варијанти, на два јазика. Техничките лица се обидуваат да ни објаснат дека зборот е пренесувач на информации, а јазикот средство за комуникација. Меѓутоа, јазикот е повеќе од само средство за комуникација. Јазикот е духовна татковина. Ние луѓето го разбираме и чувствуваме светот онака како што ни го претставува и посредува нашиот јазик.