1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Караџиќ ја почна одбраната со барање на награда за мир

Александар Методијев/бета/ап/афп16 октомври 2012

Денеска во Хашкиот трибунал започна одбраната на Радован Караџиќ и судењето на Горан Хаџиќ. Неговото судење ќе биде последно пред Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија.

https://p.dw.com/p/16Qby
Фотографија: AP

Поранешниот претседател на Република Српска Радован Караџиќ денеска во Хаг ја започна одбраната по обвинението дека е одговорен за геноцид во Сребреница, за прогонување на муслимани и Хрвати, тероризирање на жителите на Сараево и земањето на сините шлемови за заложници во текот на војната во Босна и Херцеговина од 1992-ра до 95-та година.

„Треба да бидам награден за сите добри дела што ги направив, бидејќи направив се’ што е во човечката моќ да се избегне војна и да се намали страдањето на луѓето“, рече Караџиќ пред судиите од трибуналот, додавајќи: „Ниту јас, ниту кој било друг знаеше дека ќе има геноцид против оние кои не се Срби“. Тој пред судиите тврдеше дека е „толерантен човек со голем капацитет за разбирање на останатите“.

Караџиќ се брани сам, а прв негов сведок ќе биде рускиот полковник Андреј Демуренко. Тој за време на босанската војна служел во УНПРОФОР во Сараево. Демуренко самиот, според најавите на одбраната, спровел истрага и открил дека гранатата која на крајот од август убила 43, а ранила 75 лица пред сараевскиот пазар Маркале, не била испукана од позициите на војската на Република Српска, чиј врховен командант беше Караџиќ.

Караџиќ на списокот има 16 сведоци, кои планира да ги изведе пред судот во втората половина од месецов. Меѓу нив има еден Ирец и тројца Канаѓани, кои биле дел од УНПРОФОР и се очекува исто така да сведочат за експлозијата на пазарот. Караџиќ има и четири заштитени сведоци.

Во друга судница во Хашкиот трибунал денеска запиочнува судењето на поранешниот самопрогласен претседател на Српска Краина Горан Хаџиќ. Неговото судење ќе биде последно пред Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија. Тој е последен од 161 обвинето лице кое се соочува со правдата пред овој суд. Тој беше уапсен минатата година на северот од Србија, а беше во бегство повеќе од седум години. Тој е обвинет по 14 точки, кои вклучуваат убиство на илјадници Хрвати, затворање, мачење и прогонување на десетици илјади од Хрвати, како и уништување и ограбување на културни и верски објекти.