1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карзаи и Обама ќе разговараат за безбедносниот договор

Кристина Бергман / Елизабета М. Фиданоска11 јануари 2013

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи со американската влада во Вашингтон разговара околу натамошниот американски ангажман во неговата земја, пред се‘ во периодот по 2014-та. Денеска на агендата е средба Карзаи-Обама.

https://p.dw.com/p/17I2A
Фотографија: picture alliance/dpa

За периодот по 2014 година Американците самите си поставија две задачи: „Обука и вооружување на авганистанските безбедносни сили и продолжување на анти-терористичката борба против терористичката организација Ал Каеда и нејзината мрежа“, рече Бен Роудс, заменик советник за безбедност на американскиот претседател Обама во телефонската конференција со новинарите, одржана неделава. Во американските медиуми се дискутира пред се‘ колку од 68-те илјади американски војници кои во моментов се во Авганистан се неопходни за извршување на овие задачи, ако „предавањето на одговорноста“ е завршено и најголемиот дел од американските и меѓународните трупи ја напуштија земјата. Роудс тврди дека комплетно повлекување не може да се исклучи: „САД немаат за цел да задржат одреден број војници во Авганистан.“ Министерството за одбрана, сепак, е воздржано. На прес-конференцијата одржана вчера, министерот за одбрана Леон Панета не сакаше да шпекулира со бројки.

Symbolbild USA verringern Truppenpräsenz in Afghanistan um ein Drittel
Колку американски војници ќе останат по 2014-та?Фотографија: picture-alliance/dpa

По средбата на авганистанскиот претседател Хамид Карзаи со американскиот претседател Барак Обама (фото горе - архива) денеска (11.01) ќе има официјална заедничка изјава, но во нејзе нема да има конкретни бројки. Дејвид В. Барно, командант на американските и коалиционите трупи во периодот од 2003 до 2005 година, за ДВ проценува дека доколку Американците се ограничат на обука на авганистанската армија и борба против тероризмот, тогаш доволни ќе бидат од 3 до 5 илјади војници.

Барно укажува дека на авганистанските сили, за да бидат функционални, им е неопходна не само логистичка, туку и финансиска поддршка. Ако меѓународната заедница стави пари на располагање, Барно е сигурен дека Авганистанците ќе бидат во состојба да се грижат за безбедноста на земјата и по 2014 година.

Имунитет за американските војници - главен предуслов

И министерот за одбрана Леон Панета е уверен дека развојот на ситуацијата оди во вистински правец и дека во наредните две години, се‘ до повлекувањето на најголемиот дел американски и коалициони сили, ќе има услови за успешно завршување на мисијата - предавање на земјата во рацете на Авганистанците.

Afghanistan Polizei
Авганистанците мора да почнат сами да се грижат за безбедностаФотографија: Reuters

Панета изјави дека вчера (10.01) еден час разговарал на само со Карзаи и дека е „задоволен“ од разговорот. Вечерта Карзаи се сретна со американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, а денеска има средба со претседателот Обама. Притоа, нема да се разговара само околу бројот на војници, туку и за други детали од билатералниот договор за безбедност кој треба да биде донесен најдоцна до ноември. Важна тема притоа е имунитетот на американските војници. Дејвид Барно нагласува дека барањето „американски војници да не се изведуваат пред авганистански судови е основен предуслов за останување на трупите“.

Исто толку важен како воените услови е и стабилниот политички премин, слободни и фер претседателски избори во април 2014 година. Иднината на Авганистан не може да зависи само од ангажманот на Американците. „По десет години опсежна меѓународна помош, Авганистанците мора сами да ја преземат одговорноста за промената на власта и борбата против талибанците.“