1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кариерата поважна од Маркс

Рут Кирхнер/ Александра Трајковска29 септември 2012

Комунистичката партија на Кина е најголемата и најмоќната во светот. Сепак младите членови не размислуваат за Маркс туку за својата кариера.

https://p.dw.com/p/16HUx
Фотографија: picture-alliance/dpa

Своето име не сака да го открие, и работното место исто така треба да остане тајна. Станува збор за државно претпријатие во Пекинг, тоа е се’ што открива витата, млада жена со црна коса. Таа стравува дека може да има потешкотии, ако без одобрение зборува со новинари. Сепак горда е, што успеа: веќе три години е член на Комунистичката партија. „Можеби ме одбраа поради моите квалификации, студирав меѓународна политика. Сите од моето опкружување сакаа да пристапат во партијата“.

Но сите не се прифатени. Комунистичката партија на Кина ги сака само најдобрите. Кој сака да и’ пристапи на партијата, мора да прикаже добри оценки, да конкурира, да посетува подготвителни курсеви и да положи приемен испит. Потоа претстои пробен период, во кој новиот член секој три месеци пишува извештаи. А потоа следува заклетвата за верност на партијата. Но, зашто е сето ова? „Може да помогне во кариерата. Ако во својата биографија, под графата ’политички статус’ можеш да внесеш член на партијата, тоа значи дека мислиш позитивно, дека си активен. Тоа остава добар впечаток“.

Hu Jintao auf der Feier zum 90jährigen Bestehen der chinesischen KP
Ху Џинтао на прославата на 90 годишнината од постоењето на Комунистичката партија на КинаФотографија: dapd

Отскочна штица во кариерата

Партијата како отскочна штица за кариерата. За тоа младите Кинези полагаат приемни испити како тест на училиште. Учат напамет, без да размислуваат и на испитот го изнесуваат наученото, а потоа забораваат. Имено во секојдневието партијата нема значење, велат младите комунисти. Но, ова не е сосема точно: „Се чувствувам се’уште почесетена. Имам чувство дека сум поинаква од другите. Стојам на едно повисоко ниво. Имам понапредни мисли од обичните луѓе“, вели оваа 31 годишна жена, која пред осум години стана член на КП на Кина и исто така работи во едно државно претпријатие.

Партијата како елитно здружение, како „авангарда на кинескиот народ“. Токму поради тоа партијата не прима секого во своите редови. Таа сака да го регрутира идниот раководен кадар на Кина. Социјалистичкиот јад и чемер веќе одамна е преживеан. Модерна облека, автомобил од средна класа, сопствен стан  - тоа денес се атрибутите на младите членови на КП од Пекинг. А на партиските седници: „Вообичаено ги читаме говорите на раководството и разговараме за тоа. Раководителот на партиската единица потоа ги резимира правилните заклучоци, за да го коригира нашето погрешно размислување и да ни покаже како треба правилно да размислуваме“.

China KP Kongress in Peking Hammer und Sichel
Фотографија: AP

Корупцијата тешко се искоренува

Партијата како водечка фигура, како морална инстанца. Сепак раководството веќе одамна препозна дека тоа не функционира беспрекорно. Впрочем злоупотребата на функцијата од страна на кадарот на партијата го интересира и обичниот народ. „Премногу корупција, премногу мито. Колку повеќе власт има некој, толку повеќе има мито и корупција“.

Тоа нема да го смени ниту 18. Конгрес на партијата, уверени се многумина. Тие не се интересираат за промената на раководството и генерациската промена на чело на партијата. Оти во партијата се од прагматични причини, не од убедување. Но ваквите размислувања на седниците на партијата се задржуваат порадо за себе.