1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карлос Слим и натаму најбогат на светот

ЕМФ/ртр/бета4 март 2013

Мексиканскиот милијардер Карлос Слим останува најбогат човек на планетата. Тој е повторно на врвот на Форбс-листата, на која во првите десетмина нема ниту еден Германец.

https://p.dw.com/p/17q8u
Фотографија: AP

Врвот на листата на економскиот магазин „Форбс“ годинава останува непроменет - најбогат човек на светот е Карлос Слим (фото), чие богатство се проценува на 72 милијарди долари (56 милијарди евра). Тоа се четири милијарди долари повеќе од минатата година. Зад телекомуникацискиот магнат следува Бил Гејтс од Мајкрософт со 67 милијарди долари, а на трета позиција е шпанскиот моден цар Амансио Ортега (Зара) со богатство од 57 милијарди долари. Сопственикот на Беркшир Хетвеј, Ворен Бафет, првпат од 2000 година наваму не е меѓу првите тројца на листата на Форбс. Тој е четврти, со богатство од 53,5 милијарди долари.

Најбогат Германец останува коосновачот на Алди, Карл Албрехт, со 26 милијарди долари, но тој падна од десеттата позиција лани на дури 18. место годинава, и покрај тоа што неговото богатство се зголемило за 600 милиони евра.

На овогодишната листа на Форбс има рекордни 1.426 милијардери, што е за 16% повеќе од лани. Нивното просечно богатство се проценува на 3,8 милијарди долари, што е за 3% повеќе од минатата година.