1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карневалистите го отворија „петтото годишно време“

ЕМФ/дпа/дапд11 ноември 2012

Во карневалските упоришта во Рајнската област во Германија, денеска, 11.11.2012, точно во 11 часот и 11 минути почна „петтото годишно време“ - карневалот!

https://p.dw.com/p/16gpg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Десетици илјади маскирани карневалисти во Келн, Диселдорф и Мајнц, денеска го слават почетокот на „петтото годишно време“. Во стариот дел на Келн карневалистите бучно го прославија почетокот на карневалската сезона, која оваа година се одвива под мотото „Карневалот во крвта - овде и на Шеќерната глава“ (Келн и Рио де Жанеиро се од пред една година поврзани со партнерство н.з.).

Во Диселдорф годинава карневалот ќе се слави под мотото „Уште ова“, а карневалистите во Мајнц сезоната ја почнаа под мотото „Чадор за спас за големи и мали - во Мајнц карневал се слави“.

Зошто карневалската сезона почнува секогаш на 11 ноември во 11:11 часот? На ова прашање нема прецизен одговор. Претпоставки има многу. Во средниот век би рекле - тоа е бројот на шутовите, други пак би одговориле - еден повеќе од десет прсти, еден помалку од дванаесетте апостоли. Има и други одговори: нешто што не е пола, а не е ниту цело. Освен тоа, на 11 ноември почнуваат и поворките во чест на Свети Мартин, што порано значело време на пост се‘ до Божик. Затоа луѓето, пред да почне постот, сакале уште еднаш „вистински“ да прослават.

Deutschland Karneval 2012 Weiberfastnacht Düsseldorf
Фотографија: dapd

Денес, во градовите кои се упоришта на карневалот многу работи се поврзани со бројот 11. Карневалските седници не почнуваат во полн час, туку единаесет минути подоцна, а со нив раководи совет од 11 членови.

За многумина кои не се упатени во карневалските обичаи, е чудно што на единаесеттиот ден во единаесеттиот месец се слави бурно, а потоа карневалистите неколку месеци се однесуваат како ништо да не било, за во новата година, една недела пред почетокот на Велигденските пости, да стартува еднонеделниот карневал. Тој секогаш почнува во четврток, а завршува во среда, таканаречената среда пепелница, по која почнуваат постите пред Велигден.