1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кас Грање: Нема опасност за повлекување на препораката за Македонија

СН/ат/миа/мф26 ноември 2013

Директорката на Директоратот за проширување на Европската Комисија Александра Кас Грање во Скопје порача дека нема да има прекин во европската агенда на Македонија.

https://p.dw.com/p/1AOvo
Фотографија: AP

„Мислам дека не постои опасност Советот на ЕУ да ја повлече препораката за почеток на преговорите со Македонија“, изјави денеска директорката на Директоратот за проширување на Европската Комисија Александра Кас Грање. „Нашата позиција е многу јасна. Што ќе се случи во Советот ќе видиме. Дискусиите се во тек, меѓутоа не мислам дека постои опасност Советот да ги повлече препораките или нешто слично во овој момент,“ изјави Кас Грање, која заедно со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими потпишаа спогодби за финансирање на реформите и меѓугранична соработка.

Бесими повтори дека Република Македонија во однос на ЕУ и евроатлантските интеграции има дефинирано јасен став и оти тоа е стратешки приоритет на програмата на Владата. Потсети дека во Извештајот за напредокот на ЕК се потенцира дека започнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ ќе ги зајакне реформите, ќе придонесе за добрососедските односи и ќе помогне за разрешување на отворените прашања со Грција.

„Меѓутоа, тоа што останува важно е дека реформската агенда и членството во ЕУ е пред сѐ интерес на граѓаните. Ние ги правиме реформите за нас самите. Токму од овие причини нашата определба за ЕУ останува цврста независно од исходот на Советот на ЕУ. Отворено кажано во Советот на ЕУ се одлучува врз основа на консензус и тргнувајќи од тоа во ситуација кога дел од земјите-членки на ЕУ сѐ уште имаат свои видувања во однос на започнување на преговорите, не можеме во овој момент да кажеме дека со сигурност препораката на ЕК оваа година ќе добие зелено светло. Во никој случај ова не значи дека Македонија ќе одбере друг пат. Македонија има единствен пат-рамноправна членка на ЕУ и во НАТО“, рече Бесими.

Доколку не добие датум за преговори за членство во ЕУ Македонија нема да може да помине во втората фаза од Спогодбата за стабилизацијата и асоцијација, која истекува следната година. Директорката Кас Грање изјави дека ЕК интензивно работи за да се осигура дека овој договор ќе продолжи и да се најде начин да биде спроведен. Таа вели дека ЕК ќе продолжи да работи со земјата на патот кон ЕУ.

„Нема сомнеж во тоа. Имаме целосна агенда со Македонија. Кажав што ќе се случува во наредните години во однос на ИПА, но има и други истанци на кои продолжуваме да работиме со земјата и ја поддржуваме, а со цел да се усогласи законодавството со она на ЕУ. Не мислам дека Комисијата ќе се повлече од сите овие препораки, целосно сме посветени на оваа наша задача. Уверени сме дека земјата има напредок и дека овој напредок ќе продолжи. Почнувајќи од оваа година ќе има интензивирање на работите во економскиот развој и секако во усогласувањето со законодавството на ЕУ. Ниту ние, ниту земјата треба да биде загрижена дека ќе имаме проблем со европската агенда на оваа земја со Европската унија. Нема да има прекин, ниту пак ние нашите напори ќе ги намалиме во која било смисла“, уверува Кас Грање.