1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Катимерини“: Грчката дипломатија да биде будна околу спорот за името

СН/ат/миа14 февруари 2014

Грчкиот весник „Катимерини“ објавува анализа во која се вели дека грчките дипломати сега се повикани да дејствуваат, поради тоа што во последно време се „забележува мобилност во врска со прашањето за името“ на Македонија

https://p.dw.com/p/1B8a4
Master.
Фотографија: picture-alliance/dpa

Провладиниот весник „Катимерини“, како што јавува македонската новинска агенција МИА, пишува дека „Скопје во последно време интензивно се активира со цел интеграцијата во евроатлантските институции на земјата да ја врати во центарот на вниманието“, потсетувајќи и на последната резолуција на Европскиот парламент „со која огромно мнозинство беше во полза на почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, и тоа веднаш и безусловно“.

„Катимерини“ исто така потсетува и на писмото кое 40 американски конгресмени му го испратија на американскиот државен секретар Џон Кери, со кое се бара прием на Македонија и Црна Гора во НАТО на претстојниот самит во Велика Британија во септември.

„Сигурно е дека грчките европратеници ќе продолжат со напорната работа што ја вршат во Европскиот парламент за ова прашање, каде позицијата на Атина се соочува со недоверба. Во исто време, преку Атлантикот, грчко-американската заедница ќе треба да изврши притисоци со цел да спречи можен негативен пресврт.

Во овој контекст е и одлуката на лидерот на демократите во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом Елиот Енгел, пред неколку дена да го потпише заедничкото писмо во корист на интеграцијата на Скопје во НАТО, а е политичар кој со години ги поддржува грчките позиции“, пишува „Катимерини“.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Фотографија: AP/DW Fotomontage

Грчката дипломатија во минатото покажа дека има рефлекси ефикасно да реагира на ова прашање, додава весникот, потсетувајќи на одлуката на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Македонија да не биде примена во Алијансата, упорно тврдејќи дека се работи за „едногласна одлука“, а не резултат на грчкото вето.

„Тековниот период е од клучно значење во смисла дека сега почнуваат да се создаваат ставовите што ќе се донесат и приоритетите кои ќе ги промовираат земјите до самитот на НАТО. Прашањето неколку месеци нема да се најде во центарот на вниманието, но грчките дипломати во Вашингтон и големите европски метрополи се повикани да работат со време и координирано за да се спречи свршен чин на лидерскиот состанок во септември“, подвлекува „Катимерини“.