1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кафе - култура

Михаел Кадерајт/ Александра Трајковска2 јануари 2013

Кафето е омилено насекаде во светот, се конзумира и во цела Европа. Пред се’ Италија и Австрија имаат карактеристична кафе-култура. Повеќе за неа сега може да се дознае во музејот за еспресо-машини во близина на Милано.

https://p.dw.com/p/16mAz
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Набрзина едно еспресо - на стоење, во секое време на денот - ова е дел од италијанскиот животен стил. А срцето на секој кафе-бар е еспресо-машината.

На нејзината историја сега и‘ е посветен цел музеј. Патување низ времето, низ повеќе од 100 години технологија, дизајн и кафе-култура.

Повеќето примероци потекнуваат од збирката на Енрико Малтони од Римини.

„Мојата прва љубов...“ - „Фаема Марте“ од 1952.

„Мојата прва машина за кафе ја купив во 1988 , тогаш има 18 години. Се заљубив во неа, бидејќи е толку убава, поради решетката која потсетува на ладилник на автомобил“.

МУМАК во малото гратче Бинаско крај Милано. Во новиот музеј на фирмата Чимбали, најголемиот светски производител на еспресо - машини се изложени 200 апарати од различни марки - 150 од нив се од збирката на Енрико Малтони.

Исто така и првата еспресо машина, која ја измисли Луиџи Бецера од Милано во 1902 година.

„Благодарение на вградениот котел за греење се прави притисок врз водената пареа на 100 степени целзиусови. На тој начин за кратко време со оваа славина може да се наточи кафе еспресо низ филтерот. ’Кафе еспресо’ значи специјално направено за еден муштерија. Кафе брзо како воз“

Омилен пијалок на Италијанците

Прво југендстил, подоцна арт деко - естетиката игра важна улога. Најпрво машините беа поставени хоризонтално, потоа стануваа се’ пошироки. Така можат да бидат загреани повеќе чаши и истовремено да се приготват повеќе еспресо кафиња.

Espresso - Klein, Stark und Schwarz Kaffeekultur
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

1948 - е роденденот на еспресото како што денес го пиеме: „Гаџа класика“ за првпат испушти врела вода со осум бари притисок низ филтерот.

„Не повеќе испарувачки и црно, туку со ’крем’. Еспресото мора да го има. На тој начин тоа е поароматично, повкусно и поуспешно“, вели Малтони.

„Кафе еспресо“ стана омилен пијалок на Италијанците, а машините извозен хит. Фирмите ги ангажираа најдобрите дизајнери. „Овие машини беа така конципирани, заднината да се покажува кон муштеријата. Затоа производителите се натпреваруваа особено за најдобра форма и естетика“, нагласува Малтони.

Машината „Питагора“ на браќата Кастињони во 1962 поради нејзината едноставна функционалност беше наградена со многу реномираната дизјанерска награда во Италија „Златен круг“.

Вкусно, црно, со крем

Наредните децении се поедноставуваше подготовката преку електроника - притисок на копче наместо лост. Меѓутоа, основниот принцип на вриење со воден притисок остана непроменет до денес, како кај „Фаема“ од 1961. Таа се смета за „Мајка на модерните еспресо машини“ и се произведува до денес. Италијанските бармени - баристи - ја сакаат, оти брзо може да се ракува со неа и знаат дека со неа се прави добро кафе - како во еден кафе-бар во центрот на Милано.

Espresso coffee machine Kaffeekultur
Фотографија: AP

„Прекрасно, пресно е“.

„За нас Италијанците кафето е супер, тоа е дел од традицијата“.

„Пијам најмалку шест, седум на ден“.

„Само во бар. Дома немам машина за кафе!“

За Франческо Санапо, повеќекратен италијански „Бариста“ мајстор, се важни не само сортите кафе, добра машина и способен бариста, туку и муштериите, кои го ценат неговото еспресо. „Треба да се вкусува со уживање, впрочем во оваа мала чашка се содржани околу 800 различни ароми“, вели Санапо.

Енрико Малтони се радува, што отсега својата збирка и својата страст може да ја споделува со посетителите на музејот.