1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кацин: Договорот меѓу Белград и Приштина пример за Скопје и Атина

28 февруари 2012

Европратеникот Јелко Кацин смета дека договорот меѓу Белград и Приштина за употреба на името на Косово во регионалните форуми може да послужи како пример за Македонија и Грција.

https://p.dw.com/p/14BVf
Словенечкиот европратеник Јелко КацинФотографија: by-nc-sa/ALDEADLE

Европарламентарецот и известувач на ЕП за Србија, Јелко Кацин на денешната (28.02.2012) средба во Брисел со македонскиот амбасадор во Европската унија, Андреј Лепавцов уште порачал дека со изедначувањето на Србија во евроинтеграциите со Македонија е последно предупредување за компромис за името.

Лепавцов и Кацин кој воедно е и претседател на делегацијата на ЕП за југоисточна Европа отворено разговарале за актуелните прашања, нацрт извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, како и влијанието на скорешното очекувано давање статус на кандидат за Србија.

„Македонската политичка елита да се фокусира на иднината“

Притоа Кацин истакнал дека „фактот што по толку години Македонија и Србија ќе бидат изедначени во европските интеграции, би требало да претставува последно предупредување за Македонија дека е време за компромис за името, и пробив и деблокада. Тоа би требало да го искористат сите земји од регионот, а особено Македонија“, рекол словенечкиот европратеник.

NO FLASH Mazedonien EU Flagge
Фотографија: picture-alliance/dpa

Како што информираат од кабинетот на известувачот на ЕП за Македонија и Србија, Кацин „договорот меѓу Белград и Приштина за употребата на името на Косово во регионалните форуми може да послужи како пример за Скопје и Атина“.

„Како што политичката елита во Србија се концентрираше на иднината, и македонската елита мора да се откаже од т.н антиквизација и да се фокусира на иднината. На Македонија и’ е потребно членството во НАТО и успешен напредок кон ЕУ“, рекол Кацин.

Тој меѓу другото посочил дека со отворањето на поглавјата 23 и 24 ќе се овозможи и побрз напредок во другите сфери, како во случајот на Црна Гора којашто ќе ги започне преговорите во јули годинава.

Автор: СН/ АТ/ мф

Редактор: А.Трајковска