1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кацин препорачува прифаќање име со географска одредница

ЖА/макфакс4 јуни 2013

Јелко Кацин: Македонските лидери треба да сторат сe‘ за деблокирање на процесот на интеграција на земјата, а ако тоа подразбира прифаќање на компромис за прашањето за името со географска одредница, тогаш нека биде така.

https://p.dw.com/p/18jd3
Фотографија: by-nc-sa/ALDEADLE

Ова го порача Јелко Кацин, потпретседател на делегацијата на ЕП за југоисточна Европа на денешната дебата во Брисел, насловена „Од сон до реалност“. Според него, ова е добра можност преку жива дебата и со спротивставување на ставовите да се излезе со конкретен план за деблокирање на напредокот на Македонија кон ЕУ.

„Ова е во најдобар интерес на сите. Верувам дека зборувам во име на огромното мнозинство на оваа куќа. Кога велам преговори треба да се отворат со Македонија, а не со ФИРОМ. Со отворање на преговорите ќе се подобрат и ќе се олеснат реформите поврзани со ЕУ. Веројатно сите се согласуваме за тоа. Она за што не можеме да се договориме е тоа што македонските лидери може да сторат во врска со грчкото вето“, рече Кацин, додавајќи дека тоа се случило во минатото со противењето на Грција за почеток на пристапните преговори, што македонските лидери го искористија како изговор да не се спроведат некои реформи кои беа потешки, а ги бараше ЕУ.

Тој порача дека без оглед на фактот дека идентитетските прашања и историјата секогаш се многу чувствителни, особено на Балканот, верува дека македонските лидери треба да сторат сe‘ што можат за да го деблокираат процесот на интеграција на нивната земја.

„Ако тоа подразбира прифаќање на компромис за прашањето за името со географска одредница, тогаш нека биде така“, рече Кацин.

Тој уште еднаш потсети дека Пристапниот дијалог на високо ниво има обезбедено добра основа за продолжување на реформите во земјата, но дека никој не може да каже дека тој може да ги замени преговорите.

Кацин рече дека македонските граѓани не можат да напредуваат ако се свртат кон рефлексиите на античкото минато.

„Тврдењето дека модерните Македонци се потомци на античките Македонци го доведува во прашање бугарскиот идентитет, со оглед на тоа дека Македонците и Бугарите имаат многу заеднички работи во културата, јазикот и религиозните симболи“, рече Кацин, додавајќи дека ова претставува политички и билатерален проблем, кој на никој, а особено на Македонија, не и е потребен.

Кацин потсети дека премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи успеаја да се договорат, што е сосема ново поглавје на српската и косовската историја.

„Јас верувам дека овој вид на отворен, директен дијалог на највисоко политичко ниво, со специфична временска рамка, потребно е на повеќе нивоа да се случи и меѓу Скопје и Атина, меѓу владата и опозицијата, и двете најголеми етнички групи во земјата“, рече Кацин.

Осврнувајќи се на настаните од 24 декември, тој рече дека силно верува оти владејачките и опозициските партии мораат да работат напорно на подобрување на политичкиот дијалог и стабилноста на демократските процеси во земјата.

„Јас, исто така, би ја повикал владата да се формира Анкетната комисија што е можно поскоро, со цел да се врати целосниот кредибилитет на Собранието и државните институции“, рече Кацин.

Тој забележува дека веднаш по локалните избори во Општина Центар беа поставени триесетина нови споменици, иако било познато дека новиот градоначалник се противи на тој проект, дека му било провалено во градските канцеларии, па заклучува дека изборите биле „ефикасно администрирани", но не и слободни и фер.

Кацин потсети дека состојбата со слободата на медиумите во земјата не е на завидно ниво и дека Македонија според „Репортери без граници“ е загрижувачки случај во Европа во 2013 година.

„Ние ја поздравуваме декриминализација на клеветата, но ова е само мал чекор кон обезбедувањето вистински слободни медиуми во земјата“, додава Кацин.

„И на крај, ги поттикнувам нашите македонски партнери да инвестираат многу повеќе време и енергија во поправање на нарушените врски меѓу етничките Македонци и Албанци. Во неодамнешниот извештај од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, се укажува дека постои нагорен тренд во етнички или религиски мотивирани насилни инциденти во земјата“, заврши Кацин.