1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Келнскиот кардинал ги повреди муслиманите

Штефан Деге / Елизабета М. Фиданоска29 јануари 2014

Келнскиот кардинал Јоахим Мајснер предизвика бранувања со своите изјави за муслиманите. Дали муслиманските семејства се помалку вредни?

https://p.dw.com/p/1Ayzj
Фотографија: AP Graphics/Bilderbox/DW

„Едно ваше семејство ми заменува три муслимански семејства“, изјави кардиналот Јоахим Мајснер минатата недела пред припадници на конзервативно католичкото движење Неокатекуменски пат, кое застапува претстави за класично католичко семејство и кое е критикувано дека има авторитарни структури. Келнскиот надбискуп притоа се осврна на раѓањето деца кај муслиманите и семејствата со голем број деца. Келнската надбискупија на интернет стави видео-исечок од настанот. Одделот за односи со јавност работи на соопштение со кое ќе се објаснуваат изјавите на Мајснер.

Муслиманските здруженија се вџашени

Муслиманските здруженија во Германија реагираа со вџашеност на изјавите на Мајснер. Бекир Албога од Турско-исламската унија (ДИТИБ) ги критикува зборовите на Мајснер како „несфатливи“. Мајснер „без сомневање отиде предалеку“, вели Албога за Дојче веле. Со тврдења дека муслиманите раѓале многу деца, што не соодветствува на статистичката реалност, „се шири страв и недоразбирања“. Католичкиот надбискуп поларизира. „Нам ни е потребен градител на мостови, а не поларизатор! Потребен ни е мирен соживот. Ние сакаме да живееме заедно“, нагласува Албога, кој како ополномоштеник на ДИТИБ за меѓуверски дијалог е член и на Германската исламска конференција.

Deutschland katholische Kirche Kardinal Joachim Meisner in Köln
Критикуваниот кардинал МајснерФотографија: picture-alliance/dpa

Тесни граници на толеранција

Претседателот на Централниот совет на муслиманите, Ајман Мазиек, го обвинува Мајснер дека им оди на рака на антиисламски расположенија „какви што не ни се познати од Католичката црква и особено од новиот папа“. Наместо да се потценуваат, религиите треба да се заштитуваат и ценат меѓусебно.

Zentralmoschee
Бекир АлбогаФотографија: DW/S. Dege

Границите на толеранција кон муслиманите во Германија, според проценка на социологот на религии од Минстер, Детлеф Полак, се многу тесни ако под толеранција се подразбира меѓусебно почитување и вистинска рамноправност на различните верски уверувања. „Правото на видливо практикување на верата во секојдневието кај останатите религии предизвикува одбранбени рефлекси“, нагласува овој истражувач, чија книга за разноликоста на религиите во Европа само што излезе од печат. „Тоа особено важи за Германците, а посебно за нивната подготвеност да им признаат рамноправност на муслиманите.“

Барањето за повлекување на Мајснер е во раце на папата

Ополномоштеничката на германската влада за интеграција, Ајдан Озогуз, изјавите на Мајснер ги оценува како „лично мислење на еден католички достоинственик“, кое таа не сака да го коментира, „иако не го разбира“.

Кардиналот Јоахим Мајснер на 25 декември наполни 80 години. Се смета дека во текот на наредните недели папата Франциско ќе го прифати неговото барање за повлекување.