1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кенија една недела потоа

Dohrenbusch, Wim5 јануари 2008

Изборни фасификати, немири што наликуваа на граѓанска војна и потрага по излез. Кенија доживеа недела полна со настани што ја променија земјата.

https://p.dw.com/p/Ckgr
Кибаки тврди дека е подготвен на дијалогФотографија: AP Photo

Милиони Кенијци не можеа да им веруваат на ушите кога шефот на изборната комисија Самуел Кивуиту пред една недела ги соопшти резултатите од претседателските избори:

„Изборната комисија соопштува дека кандидатот што е избран за претседател на Кенија се вика Мваи Кибаки„.

До тој момент лидерот на опозицијата Раила Одинга имаше доволна предност и се чинеше дека е сигурен победник. Веќе немаше никакво сомневање во оценката дека броењето на гласовите беше манипулирано. Одинга, кој сметаше дека победата му е украдена, ги повика своите приврзеници на отпор:

„Се прашувам зошто претседателот Кибаки воопшто одржа избори. Ако сакаше да продолжи, тогаш требаше да ни каже и да продолжи да владее со законите на вонредна состојба„.

Додека бесните гласачи излегоа на улиците, а во целата земја избувнаа безредија, шефот на посматрачката мисија на Европската унија, Александер граф Ламбсдорф ја потврди изборната измама:

„Лично видов формулари што беа променети, тука во зградата на изборната комисија. Никој не може да каже како и од кого„.

Во меѓувреме, насилничките протести излегоа од контрола. Посебно сиромашните од сламовите на Најроби излегоа на барикадите. Еден од нив рече:

„Требаше да се очекува дека промената нема да ни биде донесена на тацна. Значи, самите мораме да го земеме она што ни припаѓа„.

Моменталниот биланс на немирите во целата земја: најмалку 300 мртви и околу 180 илјади протерани. Големата манифестација на опозицијата во Најроби во последниот момент беше откажана, откако полицијата против демонстрантите употреби солзавец и водни топови. Во последните два дена немаше инциденти. Место тоа, се зголемуваат напорите за политичко решение на преговарачка маса. По неколку дена молчење, се јави и претседателот Кибаки:

„Јас сум подготвен на дијалог со сите засегнати. Услов е да се смири ситуацијата во земјата„.