1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кент Нагано: “Културата ги прави луѓето самосвесни и ги заштитува од потчинување"

16 април 2004
https://p.dw.com/p/AeVm

“Културата му дава на нашиот живот многу повеќе од материјалното богатство. Преку прашањата што уметноста ни ги наметнува и преку одговорите што ги бара од нас, доживуваме таква убавина, која со надворешниот изглед нема никаква врска“ - вели Кент Нагано, Американец од јапонско потекло, кој од 1999. година го води германскиот Синфониски оркестар од Берлин.

“Љубовта кон музиката доаѓа од мајка ми, која ме воведе во тајните на клавирот“ – вели диригентот Нагано, кого професионалниот пат прво го поведе кон студии по социологија и право, за со 21 година да сфати дека неговата вистинска вокација може да биде само музиката и ништо друго. Но, влијанието на општествените науки сепак јасно го проникнува и неговиот ангажман како диригент. “Голем дел од мојот професионален живот и го посветив на соработката со институции, кои се обидуваат на луѓето да им овозможат пристап до уметноста. Како генерален музички директор на операта во Лион презедов се што беше можно вратите да бидат отворени за што е можно поширока публика. Луѓето што ги среќавав на улиците на градот, стари и млади, богати и сиромашни, староседелци и доселеници, високо образовани и едноставни, луѓето кои ја сочинуваат душата на градот не беа присутни во нашата опера. Нашата публика беше онаа истата, како и во изминатите 30 години. Јас пак сонувам за еден свет во кој секој човек ќе може да си го најде патот до уметноста. Културата е суштинско човеково право и ја води единката надвор од робувањето на секојдневието. Учеството во културниот живот ги прави луѓето самосвесни и ги заштитува од потчинување“ - нагласува диригентот Кент Нагано.

Тој ги поткрепува ваквите заклучоци и со едно многу конкретно искуство од градот во Калифорнија, каде почнал со диригентската кариера. “Во малото гратче имаше синфониски оркестар со своја концертна сала, но исто така и стадион за рагби тимот што учествуваше во американската професионална лига. Градот имаше висок стандард и како реткост во САД и старо историско градско јадро со убаво осветлени ресторани и кафулиња, кои уште повеќе ја разубавуваа атмосферата. Еден ден комуналните политичари се најдоа пред дилема дали да го финансираат оркестарот или рагби тимот и тие се решија за вториот, со образложение дека таму доаѓаат повеќе луѓе. Откако замре музиката, меѓутоа, почна да замира и убавата атмосфера во старото градско јадро, се раширија дрогата и другите социјални проблеми, а денеска ова гратче важи за едно од најопасните места во цела Америка. Дури и рагби тимот почна да губи и на крајот испадна од лигата“ - посочува диригентот на Берлинските синфоничари, Кент Нагано.