1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери инсистира на резолуција за Сирија во ОН

ЖА/дв/дпа/афп/ртре20 септември 2013

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери побара Советот за безбедност на ОН итно да донесе резолуција за Сирија. САД преку неа сакаат да го зголемат притисокот врз режимот на Асад. Иран се нуди за посредувач.

https://p.dw.com/p/19kuv
Фотографија: picture-alliance/AP

Времето за меѓународна реакција притиска, истакна Џон Кери во Вашингтон. „Конечниот“ извештај на инспекторите на ОН покажа дека сирискиот режим е тој кој употребил отровен гас на 21. август, истакна Кери.

„Сега се наоѓаме пред тест. Советот за безбедност на ОН мора да биде подготвен на акција во наредната недела. Режимот на сирискиот властодржец Башар ал-Асад мора со употреба на најсилните можни механизми да биде принуден да го предаде својот арсенал на хемиско оружје“, изјави американскиот министер.

Техеран во меѓувреме искажа подготвеност да поттикне конструктивни разговори меѓу сириската влада во Дамаск и сириската опозиција, како што напиша иранскиот претседател Хасан Рохани во статијата како гостин-автор во весникот „Вашингтон пост“:

„Мораме да постигнеме атмосфера во која народите во регионот ќе можат да одлучуваат за својата сопствена судбина“.

Под временски притисок

САД и Русија на викендот постигнаа согласност за ставање под меѓународна контрола на сириското хемиско оружје и негово уништување до средината на 2014 година. Но, сѐ уште нема одлука на Советот за безбедност на ОН по ова прашање. Сирискиот режим најави готовност да го предаде хемиското оружје, до утре треба да соопшти јавно со колкав и каков арсенал располага.

Покрај САД, и Франција и Велика Британија инсистираат на донесување резолуција за Сирија во Советот за безбедност на ОН, со закана од санкции до употреба на воена сила, во согласност со поглавјето 7 од Повелбата на ОН, доколку Дамаск не ги исполни барањата за уништување на своето хемиско оружје. Но, Русија, традиционалниот сојузник на сирискиот режим, отфрла воена интервенција.

Кина поддржува политичко решение

Според изјавата на кинесиот министер за надворешни работи Ванг Ји, Пекинг го поддржува американско-рускиот договор за уништување на сирискиот арсенал со хемиско оружје: „Ние сме подготвени за длабока соработка со САД во поглед на прашањето за Сирија“, изјави Ванг, според кого граѓанската војна во Сирија може да биде запрена само преку политичко решение.

„Кинеската страна ќе игра позитивна и конструктивна улога во овој правец“, додаде Ванг.

Исто како и Русија, Кина досега постојано блокираше донесување резолуција за Сирија во Советот за безбедност на ОН.

Пат ситуација меѓу владата и опозицијата

Сирискиот режим во меѓувреме призна дека не може да ја добие граѓанската војна.

„Ниту вооружената опозиција ниту владата не можат да ја победат противничката страна“, изјави заменикот премиер Кадри Џамил за британскиот весник „Гардијан“. Двете страни се подеднакво воени силни, што ќе остане непроменето одреден период, па граѓанската војна е во ќорсокак.

Кога ќе се одржи повеќепати одлаганата меѓународна мировна конференција за Сирија во Женева, Дамаск ќе предложи примирје, изјави Џамил. Сирискиот режим тогаш планира почеток на мировен политички процес без мешање од странство.