1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери: Нема изгледи за судир со Русија заради Сирија

БГ/миа5 септември 2013

Американскиот државен секретар уверува дека интервенцијата нема да доведе до судир со Русија. САД планираат да ја зголемат воената поддршка за сириските бунтовници и да стават крај на нејзината тајност.

https://p.dw.com/p/19cJD
Фотографија: AFP/Getty Images

Американскиот воен напад врз Сирија поради употребата на хемиско оружје од режимот во Дамаск нема да доведе до судир со Русија, изјави американскиот државен секретар Џон Кери. Русија е главен сојузник на Сирија и ги блокира напорите за санкционирање на Дамаск во Советот за безбедност на ОН.

„Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров јасно стави до знаење дека Русија не планира да води војна заради Сирија“, изјави Кери на сослушување на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом.

Кери истакна дека Лавров и рускиот претседател Владимир Путин јасно дале до знаење во меѓусебните разговори дека Сирија не се крева до такво ниво на конфликт. Русија е важен доставувач на оружје на режимот на Башар ал Асад. Во јуни Москва соопшти дека распоредува 16 воени бродови во Средоземно Море, што е првото постојано поморско распоредување во оваа зона од крајот на СССР.

САД, од друга страна, планираат да ја зголемат воената поддршка за сириските бунтовници и да стават крај на нејзината тајност, а одговорноста од ЦИА да биде префрлена на Пентагон, изјавија неименувани официјални претставници на американското Министерство за одбрана.

САД, од јуни со одлука на американскиот претседател Барак Обама, обучуваат умерени бунтовници и им доставуваат оружје. Во моментот тој процес е под контрола на ЦИА, што е можност американската администрација да молчи за тоа. - Со префрлањето на одговорноста за воената поддршка на Пентагон се создава можност за поголемо дејствување, што ЦИА не може да го направи, објави „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на неименуван извор.