1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери: Нема потреба за зголемена конфронтација со Русија поради Сноуден

СН/ЖА/ртр/дпа/ап25 јуни 2013

Амриканскиот државен секретар Џон Кери денеска порача дека Вашингтон не бара „конфронтација“ и ја повика Русија да остане „смирена“ и да го предаде осомничениот за шпионажа, Едвард Сноуден.

https://p.dw.com/p/18vfb
Фотографија: Reuters

Министерот за надворешни работи на САД Џон Кери говорејќи за време на посетата на Саудиска Арабија изјави дека нема потреба за кревање на степенот на конфронтација со Русија околу случајот на Едвард Сноуден (насловна фотографија), поранешниот соработник на американската Национална служба за безбедност обвинет за разоткривање на тајните програми за надзор на владата во Вашингтон, за кого се верува дека во моментов е во Москва. За време на прес-конференцијата во Џеда, Кери изрази надеж дека Русија нема да покаже интерес да застане на страна на бегалецот и ја повика Москва да остане „смирена“.

„Јас само едноставно би апелирал за смиреност и разумност во момент во кој не ни е потребно да го креваме нивото на конфронтација за нешто едноставно и нормално како ова“, истакна Кери додавајќи: „ Не сакаме конфронтација. Никому не му наредуваме ништо, само бараме израчување на Сноуден според многу нормална процедура“.

Претходно Русија, но и Кина, ги отфрлија обвиненијата од САД дека му помогнале на поранешниот соработник на американската Национална служба за безбедност, Сноуден, да побегне од Хонг Конг преку Русија. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рекол дека Москва немала никаква улога во настојувањето Едвард Сноуден да одбегне да биде кривично гонет во САД и таквите американски обвинувања ги нарече неосновани и неприфатливи. Лавров истакна и оти властите во Кремљ немаат информација дека поранешниот соработник на американската Национална служба за безбедност влегол во Русија од Хонгконг, каде претходно се наоѓаше.
„Обвиненијата против кинеската централна влада се неосновани. Кина тоа не може да го прифати“ порача пак портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунијинг.