1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кери со една реченица за Балканот и Македонија

Александар Методијев/дпа/миа25 јануари 2013

Сенаторот Џон Кери, номиниран од претседателот Барак Обама за челната позиција во Стејт департментот, вчера рече дека неопходните воени акции не треба да ги засенат дипломатските и хуманитарни напори на САД во светот.

https://p.dw.com/p/17RDt
Фотографија: Getty Images/AFP/Karen Bleier

Во вчерашното обраќање пред Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат Кери во една реченица се осврна на Балканот и Македонија. Тој одговори на прашањето на сенаторката Џин Шахин за Западниот Балкан. Сенаторката оцени дека на Балканот е направен голем напредок, но сепак Македонија останува во пат позиција околу спорот за името, дијалогот меѓу Србија и Косово не е завршен, и повика Америка да продолжи да ги води процесите за членство на балканските земји во ЕУ. Кери кусо одговори дека ќе работи на тоа.

Џон Кери рече дека САД ќе го спречат Иран да развие нуклеарно оружје и оти иранските власти мораат да докажат дека нуклеарната програма која ја развиваат е за мирољубиви цели.

Кери мораше да ги брани своите средби со сирискиот диктатор Башир ал Асад и изјавите дека оваа земја може да биде пример во регионот. Кери изјави дека имало мигови кога Сирија сакала да се сврти кон Западот, но дека, со крвавата граѓанска војна која се води таму, Асад нема уште долго да остане на чело на државата.

„Претседателот Обама и сите ние тука знаеме дека американската надворешна политика не е дефинирана само од беспилотни летала и распоредувања на војската“, рече Кери. „Луѓето од целиот свет гледаат на САД како на лидери. Ниту една нација нема поголеми можности да ја унапреди каузата за демократија. Ниту една нација не е толку посветена на наузата за човековите права како што сме ние“, додаде Кери.

„За да ја заштитиме нашата нација и да се реализираат ветувањата, како и да живееме според нашите идеали и да одговориме на кризата во овој момент, ургентно потребно е да им покажеме на луѓето во остатокот од светот дека можеме да се справиме со нашата работа на ефективен и навремен начин“, рече Кери.