1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кибер“ војна против иранската нуклеарка

27 септември 2010

Повеќе од 30 илјади индустриски компјутери во Иран се погодени од компјутерскиот вирус „Стакснет“ (Stuxnet), но досега не е загрозена безбедноста на нуклеарката Бушер. Експертите велат дека зад нападот стои некоја држава

https://p.dw.com/p/PNYq
Вирусот го напаѓа софтверот на „Сименс“Фотографија: AP/DW

Властите во Иран тврдат дека нуклеарката во Бушер не е погодена од компјутерскиот вирус „Стакснет“ кој досега инфицираше повеќе од 30 илјади компјутери кои се користат во индустриски цели во исламската држава. Се‘ уште не е јасно кој стои зад нападот кој се заканува да ја разниша безбедноста на клучни индустриски постројки во земјата.

Вирусот „Стакснет“ е специјално дизајниран за да ги напаѓа софтверските системи на компанијата „Сименс“, наречени СКАДА. Овие системи служат за контрола на автоматизирани производни линии во голем број индустрии, од прехранбената па се‘ до хемиската, вклучително и електричните генератори. Вирусот досега беше пронајден во системи во Пакистан, Индонезија и Индија, но состојбата во Иран е далеку покритична.

Иранските власти преку домашните медиуми ги обвинуваат „странските непријатели“ за креирање на вирусот, но досега не ги конкретизираа своите напади.

Iran Atomkraftwerk in Bushehr
Техеран тврди дека компјутерскиот систем во Бушер не е инфициранФотографија: AP

Вистинската цел на „Стакснет“ е Бушер

Експертите се сомневаат дека вистинската цел на „кибер“ нападот е всушност новоотворената нуклеарна централа Бушер, но од „Сименс“ демантираа дека нивниот софтвер е инсталиран во централата. Од друга страна, иранската новинска агенција цитираше изјава на државен претставник кој тврди дека службените компјутери не се инфицирани, но вирусот бил пронајден на неколку приватни машини во централата. Техеран досега не објасни од кои причини се одложува целосното ставање во погон на централата Бушер, а експертите се сомневаат дека причината е токму вирусот.

Печатот во Иран сугерира дека „Стакснет“ е проект поддржан и финансиран од странски влади. Домашните експерти, пак, се сомневаат дека се работи за заеднички напад на САД и Израел со цел да го оневозможат функционирањето на нуклеарката. Израел веќе подолго време се заканува со напади врз Иран поради неговата нуклеарна програма.

Автор: БГ/НС/дв/афп/ројтерс

Редактор: Жана Ацеска