1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киднапирањето на Зејдан - уште еден сигнал за хаосот во Либија

Бен Најт/Б. Георгиевски11 октомври 2013

Грабнувањето на премиерот Али Зејдан само го засили впечатокот за хаосот кој владее во Либија. Аналитичарите велат дека без помош од странските влади, земјата може да се распадне.

https://p.dw.com/p/19xoL
Фотографија: AFP/Getty Images

Киднапирањето на премиерот Зејдан се случи во период на политички превирања во Либија, испровоцирани, меѓу другото, и поради апсењето на лидерот на локалниот огранок на Ал Каеда, Абу Анас Ал Либи, од страна на американските командоси. Апсењето на Либи го стави Зејдан во незавидна позиција. Иако во четвртокот, во интервју за БиБиСи, Зејдан тврдеше дека „Либија не сака да ги предава своите синови“, и дека на Либијците треба да им се суди во земјата, тој сепак апелираше и за меѓународна помош во пресметката со милитантните групи во земјата.

„Она што тој го бара, е она што секоја слаба влада која има работа со милитанти го посакува на својата територија. Тоа е меѓународна поддршка без мешање во внатрешните работи. Слична е состојбата и во Пакистан. И тие сакаат меѓународна помош но според нивни услови. Тие сакаат сателитски податоци, дронови, нешта кои само Европа и САД ги поседуваат“, вели Шашканк Јоши, аналитичар во Кралскиот Институт.

Лоша безбедносна состојба

Либиската влада е во незавидна позиција. Триполи не сака да ги критикува САД, својот најмоќен сојузник, но исто така сака и да им се додвори на граѓаните кои веруваат дека владата соработува во киднапирањето на либиски државјани.

Libyen Parlament Tripolis Innenansicht
Либиската армија нема контрола врз целата територија на државатаФотографија: Mahmud Turkia/AFP/Getty Images

„Ќе се фокусираме на човековите и граѓанските права и на неопходноста да се добие фер судење. Владата ги става повисоките, национални интереси во преден план“, вели министерот за правда Салах Ал Маргани.

Тие повисоки национални интереси се диктирани од фактот дека вооружените милиции, вклучително и исламските милитанти, контролираат специфични делови од земјата. Накусо, безбедносната состојба во Либија е речиси катастрофална, вели Чарлс Гурдон, директор за безбедност во консултантската куќа Менас во Британија. Се случија серија атентати врз армиски офицери, за кои се осомничени исламски милитанти и приврзеници на поранешниот претседател Моамер Гадафи.

„Дополнително, пристаништата на истокот во моментов се блокирани, па Либија извезува само дел од својата нафта. Владата мора да ги поткупува милициите за да и‘ дозволат приод“, вели Гурдон.

Политички слабости

Слабостите на владата се и политички. „Премиерот е многу непопуларен, особено меѓу исламистичките групи. Постои технократска влада, која ја води технократски премиер. Парламентот го избра, но тој не беше главен кандидат, туку компромисно решение. Проблемот е што нема кој да го замени“, вели Гурдон.

Gesuchter Al-Kaida-Anführer in Tripolis gefasst Nazih Abdul-Hamed al Raghie
Уапсениот локален лидер на Ал Каеда, ЛибиФотографија: picture-alliance/dpa

Повиците на Зејдан за странска помош не може да дојдат во полош период, затоа што ниту Европа ниту САД не се заинтересирани за уште една странска мисија. „Ним им треба некој кој ќе ја истренира армијата да ги разоружа милициите и оние кои имаат врски со Ал Каеда“, смета Гурдон.

Вториот проблем за западните влади е кому да му веруваат во земјата. „Не постои доверба за размена на чувствителни разузнавачки податоци. Дополнително, нема доверба ниту во тамошниот судски систем. Поради тоа е тешко Зејдан да ја добие помошта која ја бара. Ќе им помогнат за контролата на границите, но листата на нешта за кои на Либија и треба помош е предолга“, вели Шашанк Јоши.