1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина ги користи органите на осудениците на смрт

7 март 2012

Осудениците над кои е извршена смртна казна се најголемиот извор на органи за потребата на трансплантација во Кина, поради недостатокот на доброволни донатори, соопшти помошникот министер за здравство Хуанг Џиефу.

https://p.dw.com/p/14GQj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Фаџи рибао“ пренесува дека Кина веќе долго се обидува да се ослободи од големата зависност кога се во прашање органите на осудениците на смрт, но големата побарувачка и постојаниот недостаток на донатори, и натаму ги прави осудениците главен извор, вели помошникот министер Хуанг.

Пекинг во 2007 година ја забрани трговијата со човечки органи, а две години подоцна покрена кампања за граѓаните да се определуваат за донирање, но резултатите се слаби.

Кинеската медицинска асоцијација во истата 2007 година најави дека повеќе нема да трансплантира органи на егзекутирани затвореници, со исклучок на нивни блиски роднини. Министерот Хуанг во 2009. тврдеше дека целосно се почитуваат правата на затворениците кои се осудени на смртни казни и дека сите потпишале документи со кои доброволно се откажуваат од органите.

China Gefängnis
Затвор во КинаФотографија: picture alliance/dpa

Предупредувања од меѓународните организации

Меѓународните организации за човекови права долго ја обвинуваат Кина дека ги користи органите на убиените затвореници без нивна, или согласност од нивните семејства. Ваквите обвинувања властите ги отфрлаат.

Од Амнести интернешнл оценуваат дека последното признание на Хуанг е доказ оти ништо не е променето.

„Недостатокот на напредок е стравотен. Како е можно затвореник кому му се заканува егзекуција да даде некакво доброволно одобрение?“, коментираат од Амнести.

Секоја година во Кина се вршат околу 10 илјади трансплантации, а бројот на луѓе кои чекаат на нов орган се проценува на околу 1,3 милиони. Нема официјални податоци за бројот на извршени смртни казни во Кина на годишно ниво, но се проценува дека се во прашање најмалку четири илјади.

Недостатокот на органи за трансплантација во Кина доведе и до создавање на голем нелегален пазар.

Автор: Б.Георгиевски/афп/бета

Редактор: Е.М. Фиданоска