1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина жестоко реагира на протестите од Јапонија и САД

ЕМФ/дв25 ноември 2013

Спорот на Кина и Јапонија околу островите во Источнокинескoто море се заострува. Откако Кина создаде воздушна одбранбена зона над регионот, следеа протести на Јапонија и САД. Кина одговара остро.

https://p.dw.com/p/1ANcS
Фотографија: Getty Images

Реакциите од Јапонија на кинеската зона на воздушна одбрана дојдоа веднаш. Владата во Токио вложи жесток протест против зоната, која опфаќа големо подрачје меѓу Јужна Кореја и Тајван. Висок претставник на јапонското министерство за надворешни работи во Токио, во телефонски разговор со кинеската амбасада во Јапонија, рече дека „Јапонија никогаш нема да ја прiфати зоната создадена од Кина“, затоа што таа ја офаќа и групата острови во Источнокинескотo море за кои двете земји спорат. Доколку Пекинг дозволи „ескалација“ на судирот, може да биде „многу опасно“.

Загриженост поради одлуката на Кина изразија и САД, кои најавија поддршка за Јапонија во спорот. „Ова е обид да се промени статусот кво во Источнокинеското море“, оцени американскиот министер за надворешни работи Џон Кери.

Karte Senkaku-Inseln Deutsch
Фотографија: DW

Кинеската влада ги отфрла протестите на Јапонија и САД со невообичаено остри зборови. Пекинг апелира до САД да се држат настрана од спорот, а од Јапонија бара да ги признае територијалните барања на Кина.

Кина и Јапонија долго спорат околу островската група која на кинески се нарекува Диаоју, а на јапонски - Сенкаку. Регионот важи како богат со риба, а се претпоставува и дека на дното на морето има многу суровини. Јапонската влада во септември 2012 година национализираше неколку острови кои дотогаш му припаѓаа на приватен јапонски сопственик, по што спорот доби на жестина.