1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина извезува се’ повеќе оружје

АТ/ ртр/ дпа/ ап/ sipri.org18 март 2013

Кина прерасна во петти по големина извозник на оружје во светот. На прво место, според проценките на мировниот институт СИПРИ и натаму се САД, пред Русија и Германија.

https://p.dw.com/p/17zLH
Фотографија: AP

Најновата студија на стокхолмскиот мировен институт СИПРИ го испитува периодот меѓу 2008 и 2012 година. Во овие години, според студијата продажбата на оружје на Кина во споредба со претходниот петгодишен период е покачена за 162 проценти. Оттука уделот на оваа земја во светската трговија со оружје се покачи од два на пет проценти. Со ова Кина ја надмина Велика Британија и за првпат по Студената војна се вбројува меѓу петте големи извозници на оружје во светот. Најголем клиент на кинеските производители на оружје е Пакистан: 55 проценти од целиот извоз се испорачани во оваа земја.

Најголеми трговци со оружје според СИПРИ и натаму остануваат САД и Русија кои се одговорни за 30 односно 26 проценти од извозот на оружје во светот. Трет по големина извозик на оружје во светот е Германија со седум проценти, на четврто место е Франција со шест проценти. Најголеми купувачи на германското оружје во изминатите пет години беа Грција, следена од Јужна Кореја и Турција. Независно од ова продажбата на германско оружје е намалена за осум проценти.

Според СИПРИ во периодот од 2008 до 2012 година најмногу оружје купиле Индија со удел од 12 проценти и Кина со шест проценти. Третото место го делат Јужна Кореја и Пакистан.

Вкупно, според студијата трговијата со оружје е покачена за 17 проценти. Овој тренд се должи пред се’ на желбата за купување оружје на земјите во Азија. Во Европа, со оглед на тешката финансиска состојба на повеќе земји, увозот на оружје е намален за една петина.