1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина испрати ракета кон Месечината

ЖА/дв/дпа/ртре2 декември 2013

Кина успешно ја испрати својата прва ракета кон Месечината. Целта на мисијата, во која учествува и Европа, е вршење нови геолошки испитувања. Кина во последно време издвојува огромни суми за својата вселенска програма.

https://p.dw.com/p/1ARW0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кина ноќта кон понеделникот (01.12.2013) по локално време лансираше ракета којашто на Месечината носи далечински управувано истражувачко возило кое го нарече „Зајак од жад“. Ракетата беше лансирана во 1 часот 30 минути во понеделник по локално време од базата за лансирање сателит Сичанг, во југозападниот дел од Кина. Мисијата наречена „Чанг’е-3’ претставува клучна етапа во амбициозната кинеска вселенска програма.

Кина со овој лет на Месечината треба да го оствари своето прво т.н. „меко“ приземјување. Со тоа таа ќе стане третата земја, по САД и поранешниот Советски сојуз, која успеала да го оствари овој предизвик. Во мисијата Кина ја има и поддршката од Европа, односно од Европската вселенска агенција ЕСА, чиј директор за вселенски летови, Томас Рајтер истакнува: „Во идните истражувања на планетите, месечините и астероидите е неопходна ваква меѓународна соработка, која е корисна за сите, без оглед дали се работи за мисии со екипаж или без“, вели поранешниот германски астронаут. #b

„Зајакот од жад“ претставува лунарно возило со шест тркала чиешто име е позајмено од кинеската митологија. Доколку сѐ се одвива според планираното, луноодот треба да биде приземјен кон средината на декември. Кинеското месечево возило ќе врши научни анализи, во прв ред геолошки, Тоа е опремено со соларни плочи за снабдување на енергија, а на Земјата ќе испраќа и тродимензионални фотографии од површината на Месечината.

Луноодот е прилагоден за движење по сите видови терен и ќе биде оперативен три месеца, при што ќе се движи со најголема брзина од 200 километри на час.

Кина во последниот период издвојува огромни суми за својата вселенска програма преку којашто сака да ја демонстрира својата моќ. Вселенската програма е означена како дел од „кинескиот сон“, што е главниот слоган на претседателот Си Џинпинг.