1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

201009 China Maschinen

2 ноември 2009

Осум проценти стопански пораст - Германија може да сонува за тоа, не само годинава, а Кина, и покрај кризата, има намера да ја оствари таа цел. Од тој пораст профитира и германската индустрија.

https://p.dw.com/p/KDXC
Фотографија: AP

Летаат искри, швајцувачите речиси не стигнуваат да ги симнат заштитните очила. Во фабричката хала во Линен владее динамична работна амтосфера. Фирмата „Факона“ произведува машини за преработка на прехранбени средства, кои се особено барани во Кина - само во последниот квартал оттаму дојдоа пет големи нарачки. „Засилената побарувачка, според мое гледање, доаѓа оттаму, што Кинезите имаат повеќе пари во портмонето, и покрај стопанската криза. Кој, како мене, бил повеќепати таму, гледа дека се развива среден сталеж, кој сака да консумира храна од повисока вредност, што е посебно интересно кај секторот за преработка на месо“, вели Лудгер Хенинг, раководител на „Факона“. Триесетината вработени во јануари неколку дена беа на скратена работа, сега работат прекувремено.

Додека во Европа се гасеа светлата, Кина доживеа краток период на рецесија

Кај производителот на пумпи „Хамелман“ од местото Елде, 280-те работници уште се со режим на скратена работа, како и 80 насто од германските машинопроизводители, но сломот би бил уште подрастичен, ако претпријатието немаше своја експозитура во Кина. „Додека во Европа практично се гасеа светлата, во Кина имаше сосем кратка фаза на рецесија и сега оди нормално натаму. Ние годинава досега таму направивме промет колку лани во целата година“, нагласува шефот Волфганг Лајфелд.

Кинеската држава сака долгорочно за своите 1,2 милијарди жители да постигне благосостојба на европско ниво. Токму тоа е шанса за германските извозници, кои од сиот извоз само 4 проценти остваруваат во Кина, укажува професор Густав Дикхојер, економски експерт од Минстер и познавач на Кина. „Се разбира, очекуваме уделот во иднина значително да се зголеми. Во моментов приходите по глава на жител во Кина се на околу 17 проценти од оние во Европската унија севкупно. Дури и при двојно повисоки стапки на пораст, ним ќе им требаат 40 години да го надоместат ова. Тука, значи, има енормен развоен потенцијал.“

Автор: Маркус Волник / Зоран Јордановски

Редактор: Алексанадра Трајковска