1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина - мирољубива нација или вселенска сила од воен карактер?

Петра Алденрат / Пекинг18 април 2007

Кина го зголемува својот воен буџет, штеди кај војниците и се вооружува со висока воена технологија. Годинава собори сателит од орбита со своја ракета од долг дострел

https://p.dw.com/p/Adrw
Фотографија: AP

Народната ослободителна армија е сеприсутна во сликата на кинеското секојдневие. Во неа во моментов околу 2,2 милиона војници го отслужуваат воениот рок. Воениот буџет годинава е зголемен за 17.8 насто, според официјални наводи вкупно изнесува околу 35 милијарди евра. Но, САД и’ префрлуваат на Кина дека ги прикрива вистинските издатоци за воени потреби, кои според Пентагонот изнесуваат три пати повеќе.

Таквите критики ги отфрли кинескиот премиер Вен Џијабао: “Нашите воени трошоци се на едно релативно ниско ниво споредено со други земји. Повисоки издатоци имаат не само некои индустриски нации, туку и некои земји во развој”.

Критичарите страхуваат дека Кина воениот буџет би можела да го употреби и за навлегување во Тајван, оти пред две години усвои закон против отцепување. Тој ја овластува Народната република за напад врз островот, доколку се прогласи за независен. За да и’ контрира на се’ понедоверливата меѓународна заедница, кинеската влада лани објави Бела книга за разоружувањето и контролата врз оружјето. Во неа се укажува на мирољубиввите намери на Кина и се вели дека таа никогаш и под никакви околности нема прва да употреби атомско оружје. “Нашата политика е одбранбена и служи само за одбрана. Ограничениот број вооружени трупи служи единствено и само за безбедноста на земјата, за да ги осигура независноста и суверенитетот на земјата” – вели премиерот.

Наместо врз војници, кинеската влада кај вооружувањето се’ повеќе и повеќе полага врз врвна технологија. Таа инвестира во морнарицата, во модерни компјутерски управувани системи на оружје и во сателитска техника. Кинеските генерали научија дека денес со тоа се добиваат војни. Во јануари годинава Кина целно собори еден метеоролошки сателит и собра критики од сите страни. Премиерот Вен Џијабао и тоа го бранеше: “Кина го направи тој тест во вселената, но со него не нападна ниту предизвика закана за ниедна земја и не ги прекрши меѓународните правила. Кина секогаш се залага за мирољубиво користење на вселената. Ние сме против вооружување во вселената”.

Но, не може да се негира дека тоа беше прв пат една нација да собори сателит од неговата орбита со ракета лансирана од земјата. Со тоа Кина покажа мускули и докажа дека теориски е подготвена за војна во вселената и може да уништи и туѓи сателити.