1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина натамошно ги зголеми девизните резерви

11 јануари 2011

Економски пулсирања - избор од стопански вести: Јапонија ќе откупува европски обврзници. Помалку банкроти во Германија. Информации од саемот на автомобили во Детроит.

https://p.dw.com/p/zwHz
Кинеската економија и натаму незапирливо растеФотографија: DW-Montage

Кина, која располага со најголеми девизни резерви во светот, минатата година ги зголеми нив за 18,7 проценти. Како што соопшти денеска (вторник, 11 јануари 2011) Кинеската централна банка, резервите достигнаа 2,2 билиона, односно две илјади и двесте милијарди евра. Обемот на надворешната трговија лани е покачен за 34,7 проценти и достигна вредност од 2,97 билиони американски долари, но суфицитот во надворешно-трговската размена е намален за 6,4 проценти и изнесува 183 милијарди долари. Стапката на стопански пораст во 2010 се очекува да изнесува околу 10 проценти. Но, значително е засилен инфлаторниот притисок, па Кина се стреми кон побавен пораст.

Јапонија ќе откупува европски обврзници

Јапонија сака со засилен откуп на европски државни обврзници да придонесе за смирување на кризата со долговите во зоната на еврото. Владата размислува да откупи повеќе од 20 проценти од обврзниците предвидени во евро-зоната, најави денеска (вторник, 11 јануари 2011) министерот за финансии Јошихико Нода на прес-конференција во Токио.

Неодамна и Кина извести за намерата да откупи уште повеќе обврзници издадени од задолжените европски држави, за да придонесе за стабилизацијата на еврото.

Помалку банкроти во Германија

Symbolbild Rezession Bankrott Bank
Се’ помалку банкроти во ГерманијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Во Германија лани имало за 4,4 проценти помалку банкроти на претпријатија, отколку во 2009. Вкупно 32.280 претпријатија пријавиле инсолвентност, известува весникот „Хамбургер абендблат“. Најголем пад на банкроти, од 14,1 проценти, е регистриран во покраината Саарланд, а најголем пораст е забележан во Берлин - 8,8 насто.

Информации од саемот на автомобили во Детроит:

Производителот на автомобили „Форд“ планира годинава да го зголеми уделот на пазарот во Германија од 6,8 на 7 проценти. Бернард Матес, шеф на „Форд“ за Германија, на саемот на автомобили во Детроит (САД) изјави дека поттик на продажбата треба да донесат новите модели на „Фокус“ и „Ц-макс“.

Шефот на „Опел“ Ник Рајли најави дека уште во текот на годинава овој производител на автомобили треба да постигне позитивен деловен резултат, ако се издвојат трошоците за санација на претпријатието. Се планира пласман колку и лани (1,2 милиона возила) или за стотина илјади подобар. Рајли во Детроит најави нов мал автомобил на „Опел“ во 2013 година, како и крај на соработката кај моделот „агила“ со јапонскиот производител „Сузуки“, кој од крајот на 2009 година формира алијанса со „Фолксваген“.

GM Chevrolet Volt
Шевролет на пазарот ќе понуди повеќе модели „Волт“Фотографија: AP

Успехот на моделот „Волт“ на „Шевролет“ ја наведе фирмата-мајка, американскиот автомобилски концерн „Џенерал моторс“, да планира да понуди повеќе модели на електричен погон. „Волт“ е избран за електро-автомобил на годината од страна на специјализираните новинари од северноамериканскиот континент. „Планираме таа технологија да ја вградуваме и во други модели“ изјави Стивен Гирски, шеф за стратегиско планирање на „ГМ“ (џи-ем), но не наведе во кои. „Волт“ вози исклучиво на електричен погон, а вградениот мотор со внатрешно соговорување служи само за да го полни акумулаторот. Годинава е планирано да бидат произведени 10 илјади примероци од овој модел, а во наредните години значително повеќе. „Волт“ наесен ќе биде понуден и на европскиот пазар.

Автор: Инса Вреде/Клаус Улрих/Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски