1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина на удар на кризата

Рут Киршнер28 февруари 2009

Поради многу намалениот извоз милиони луѓе, пред се‘ работници чие работно место се наоѓа надвор од местото на живеење, ја губат работата. Приблем да најдат работа имаат и младите образовани луѓе.

https://p.dw.com/p/H3BJ
Најпогодени се најсиромашнитеФотографија: AP

Студено зимско утро во западен Пекинг, веднаш зад мостот Лиули. Во една прашлива странична улица се туркаат стотици работници од цела Кина. Тие носат излитени тенки зимски палта и износени чевли. Странично на улицата лежат нивните врзопи и торби. На патот е запален оган, мала помош против студот кој сече. Но, оние што доаѓаат на овој неофицијален пазар на работна сила, не бараат топлина. Тие бараат работа. Меѓу нив е и 34 годишниот Занг Џун Хуи од провинцијата Хенан:

„Да се најде работа не беше лесно и пред економската криза. Ние немаме вистинско образование, а кризата само ја влошува ситуацијата. Сум бил и во други градови, но многу е тешко да се најде работа.“

Тешки времиња

И официјалните кинески статистики се јасни - околу 20 милиони вакви работници ја загубиле работата поради економската криза. Работа во фабриките во Јужна Кина има се‘ помалку, а така е и на градилиштата во Пекинг. Поради глобалната економска и финансиска криза не е намален само извозот, туку пукна и кинескиот меур со недвижности. Невработените на плоштадот Лиуликиао знаат дека им претстојат тешки времиња. Расположението е мрачно и агресивно. Владее страв поради неизвесната иднина. Така е и кај Јанг Хуи од Хубеи:

„Досега не сум нашол работа. Оваа година е многу тешка, а притисокот е енормно голем. Не се работи само за мене. Дома, во селото, живеат мојата 14 годишна ќерка и моите родители кои се стари. На сите ним им се потребни пари. Садењето ориз на нашите мали полиња не носи многу. Без парите што ги заработуваме ние, работниците кои одиме во градовите, дома не може да се преживее.“

Amerikas Abstieg als Chance und Risiko für China
Како да се најде решение за кризата?Фотографија: AP

Толпата ретко се придвижува. Еден автомобил се пробива полека низ луѓето кои чекаат. Од прозорецот се делат ливчиња со понуди за работа. Десетици работници веднаш го опколуваат автомобилот. Притоа, и онака малите плати на градилиштата и во фабриките, од есента се значително намалени - за околу една третина. Сега дневно се добиваат само по 100 јуани, или пресметано во евра - 11, вели Јанг:

„Платите се намалуваат постојано. Но, ако не прифатиш работа, тогаш за тие пари ќе работи некој друг.“

Загрижени се и младите дипломци

Но, ваквите работници не се единствените кои се загрижени за иднината. Загрижени се и младите дипломци. На оваа берза за работа што се наоѓа во еден простор за саеми на исток на градот, се туркаат десетици илјади млади луѓе, пред се‘ студенти кои ова лето ќе ги завршат студиите. Околу 700 фирми имаат свои штандови во саемските хали, но за разлика од минатите години многу големи фирми воопшто не се присутни со свој штанд.

На штандот на еден синџир ресторани десетици студенти се туркаат за да ги дадат своите биографии. Дали се соодветни за работата се проверува и преку кус разговор. Претпријатието е едно од ретките кои се‘ уште вработуваат луѓе во голем стил. Пред менаџерот Лиу Ксиаодонг веќе има голем куп документи:

„Имаме над 100 слободни места со оглед на тоа што токму сега се прошируваме. Уште на првиот ден од берзата на работа добивме стотици пријави.“

Но, не се сите фирми „гладни“ за дипломираните млади луѓе. На крајот на огромните саемски хали, 23 годишната Лу Феи од Анхуи се одмора од барањето работа:

„Се пријавивме за работа во многу фирми. Но, доколку и бараат работници, тогаш бараат луѓе со работно искуство. За нас апсолвентите барањата се превисоки.“

Лу студирала на угледен универзитет во Пекинг. Порано тоа беше гаранција за сигурна и добро платена работа. Но, поради напрегнатата ситуација, многу луѓе со завршено високо образование значително ги намалија сопствените очекувања. Со диплома за завршени студии по кинеска литература, Лу сега конкурира за помошен административен персонал.

„Веќе сега сум загрижена за мојата иднина. Сепак, верувам дека доколку вложам напор, ќе најдам работно место, барем на определено време.“

16.02.2009 DW-TV Global 3000 China Krise
И образованите млади се без работаФотографија: DW-TV

Рекорден број невработени со факултет

Оваа година на пазарот на работна сила има околу 6 милиони лица со факултетски дипломи. Минатата година една чевртина од младите академци не успеаја да најдат работа. 21 годишната Ванг На од хебеи вели дека состојбата на пазарот на работна сила, во меѓувреме, стана најважната тема за разговор меѓу пријателите:

„Кога сме на чет на Интернет или преку СМС пораки, секој прашува дали си нашол работа. Тоа е речиси како поздрав. Тоа е секогаш првата реченица.“

Ванг, исто како многу други студенти, во меѓувреме би прифатила секаква работа, само да преживее. Би биле доволни 150 до 200 евра месечно, вели таа. Тоа не е повеќе од она што го заработуваат работниците на градилиштата. Ванг вели дека мора да се биде скромен. Под нејзината биографија таа со големи црни букви има испишано дека доколку е нужда би работела и за помала плата, или дури и без пари.