1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина не е полоша од САД

6 јануари 2011

Кина и САД сакаат да ги поддржат владите кои им се наклонети и продаваат оружје на тие земји, без разлика дали се демократски или диктаторски. Притоа, Кина не ја загрозува демократијата во Африка повеќе отколку САД.

https://p.dw.com/p/ztw7
Кина и САД ја користат продажбата на оружје како алатка во надворешната трговија

Експертите по политички науки, Индра де Сојза и Пол Мидфорд од норвешкиот Универзитет за наука и техника во Трондхајм, истражуваа дали кинеската влада негативно влијае врз демократскиот развој во Африка. Врз основа на податоците од Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм, тие ја споредија продажбата на оружја на Кина и САД помеѓу 1989 и 2008 година. Индра де Сојза вели:

„Откривме дека Кина продава далеку помалку оружје на недемократски земји, особено во Африка, отколку САД. Кина продава оружје на релативно демократски земји, како на пример Замбија, а САД на пример на Египет, која е многу недемократска земја.“

Египет е значаен сојузник за Вашингтон

Symbolbild Grafik Weltmacht USA China Adler, Drache
Покрај САД, сега Кина е новиот моќен актер на меѓународната сцена

Помеѓу 1989 и 2008 година Египет купил речиси 90 проценти од оружјето со кое располага од САД. За Вашингтон, Египет е значаен сојузник во конфликтот на Блискиот Исток. Кина, пак, им продава оружје речиси на сите земји кои имаат потреба, исто и на Судан, што наиде на остри критики од Западот. Во студијата е наведено дека помеѓу 2001 и 2008 година Русија на Судан му продала петпати повеќе оружје отколку Кина. Но, Де Сојза нагласува:

„Тоа не значи дека Кина не ги крши човековите права. Само велиме дека ако трговијата со оружје се смета за алатка во надворешната политика, Кина не е полоша од САД.“

Алатка во надворешната политика

China und Afrika, Kooperation, Symbolbild
Кина продава помалку оружје на недемократските земји во Африка отколку САДФотографија: AP

Експертката за политички науки Дебора Бројтигам од Американскиот универзитет во Вашингтон ја критикува студијата. Таа вели дека студијата ја истражува трговијата со тешка артилерија, и дека сознанијата би биле поинакви при истражувањето на продажбата на лесно пешадиско оружје, кое се користи во повеќето африкански граѓански војни:

„Во повеќето од овие војни се користи кинеско оружје. Но, покрај Кина, големи снабдувачи со оружје на африканските земји се Украина и други делови од поранешниот Советски сојуз.“

Еспертот за оружје Отфрид Насауер од Центарот за трансатлантска безбедност во Берлин критикува:

„Студијата обработува две различни фази - времето од крајот на Студената војна до 2001 година, кога Кина се‘ уште не беше многу активна во Африка, и годините потоа, кога станува поактивна.“

Насауер смета дека ќе се добијат понегативни резултати за Кина ако се земат предвид само последните пет години. Сепак, тој ја потврдува клучната теза на студијата - дека Кина нема понегативно влијание врз демократијата и човековите права во Африка отколку САД.

Автор: Кристоф Рикинг / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска