1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина ја менува „политиката на едно дете“

АТ/ афп/ дпа/ ртр28 декември 2013

Народниот конгрес во Кина ги одобри реформите предложени од комунистичкото раководство: логорите за превоспитување ќе бидат укинати, а „политиката на едно дете“ олабавена.

https://p.dw.com/p/1Ahrm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Постојаниот одбор на кинескиот Народен конгрес во Пекинг ја усвои резолуцијата за реформи, пренесе новинската агенција Ксинхуа. Централниот комитет на владејачката комунистичка партија пакетот реформи го најави на крајот на пленумот во ноември, без да наведе конкретен термин за спроведувањето на плановите. Со резолуцијата на постојаниот одбор промените стапуваат во сила, објави агенцијата Ксинхуа.

Четири години логор без процес

Системот со логори за превоспитување Кина го воведе во 1957. година. Тој и‘ овозможуваше на полицијата да одреди до четири години работен логор за обвинети лица без процес. Според еден извештај на ОН, до 2009. година од оваа мерка биле погодени околу 190.000 луѓе. Агенцијата Ксинхуа пред неколку денови објави дека системот со години играл важна улога за одржување на јавниот ред и стабилноста. Меѓутоа, во изминатите години биле воведени други мерки за спроведување на законот и редот. Системот на логори за превоспитување оттука ја исполнил „својата историска мисија“.

Активистите за човекови права постојано обвинуваа за самоволие при испраќањето на луѓе во ваквите работнички колонии, од кое меѓу другото биле погодени и критичарите на владата и инцијатори на петиции. Така на пример изминатата година во логор за превоспитување била испратена мајка, бидејќи постојано се обраќала до институциите, откако нејзината малолетна ќерка била киднапирана и принудена на проституција. Критичарите меѓутоа стравуваат дека неместо логор за превоспитување во иднина би можело да има други своеволни форми на спроведување казни.

Далекусежни промени

Со промените во семејната политика, паровите кај кои едниот партнер потекнува од семејство со едно дете, во иднина смеат да имаа две деца. Досега ова правило важеше само за паровите кај кои и двајцата партнери биле единечни деца. Ова се најголемите промени во „политиката за едно дете“ по речиси три децении. Овој чекор е со цел да се стопира стареењето на населението во Кина.

Со речиси 1,4 милијарди жители, Народна Република Кина е најнаселената земја во светот. Со воведувањето на политиката на едно дете од 1980. година, според службените проценки биле спречени околу 400 милиони раѓања. Околу 63 проценти од населението, пред сѐ во градовите, оттогаш смеат да имаат само едно дете.

Оваа политика досега честопати беше спроведувана и со брутални средства, а постојат и извештаи за принудни казни, абортуси и принудна стерилизација. Против „превоспитувањето“ и политиката на едно дете во изминатите години постојано имаше отпор.