1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинезите доаѓаат!

Сабрина Н’Диаје / Александар Методијев28 септември 2013

Во Шварцвалд доаѓаат се’ повеќе туристи и тоа од Азија. Кинезите се посебно омилени, бидејќи трошат по 300 евра дневно. Германските угостители веќе ја прилагодија понудата за туристите од Азија.

https://p.dw.com/p/19blk
Sommer Deutschland 2012Фотографија: picture-alliance/dpa

Фотографии за спомен пред Титизее во Шварцвалд. Сите овие туристи доаѓаат од Кина. Потоа сите се качуваат на брод за да го разгледаат од вода езерото големо околу еден километар квадратен. А, за тоа немаат многу време, бидејќи имаат исполнета програма. 25 минути мора да бидат доволни за овој живописен пејзаж.

Пливањето на е во програмата на туристичката група, бидејќи најголем дел од Кинезите не знаат да пливаат. Се’ што има овде се фотографира. Езерото во Шварцвалд и неговите планински пејзажи се омилени меѓу азиските туристи.

„Титизее е многу убаво, вистински прекрасно“, вели еден турист од Кина, а на тоа се надоврзува друг велејќи: „Ова изгледа како слика“. Кинеска туристка, пак, објаснува што најмногу и’ се допаѓа: „Првпат сум во Европа и многу ми се допаѓа. Луѓето овде се многу пријателски настроени“.

Flash-Galerie Baden-Württemberg
Кинезите трошат на сувенири и храна по 300 евра на денФотографија: picture alliance / Bildagentur Huber

Туристите продолжуваат до следната станица - ресторан со мрсна германска храна. Кинезите сакаат истовремено да започнат со јадење. Тука тоа е веќе познато. На мени германски специјалитети - коленици, шницли, германски тестенини шпецли. Само ориз не смее да недостига. Во Титизее се прилагодени на кинеските навики и на нивниот вкус.

„Јадењето не смее да биде пресолено, бидејќи Азијците не сакаат толку многу солено. Тие со задоволство го пробуваат германското пиво и го сакаат. Најмногу темното“, вели Никол Ритер, која работи во семејната гостилница „Друба“ на Титизее.

Се’ повеќе Кинези го откриваат Шварцвалд. Тие пред се’ доаѓаат во големи групи. Во ресторанот „Друба“ има место за 300 лица. Семејниот бизнис ги прилагоди просториите и услугата на масовниот туризам.

Essen in Deutschland Schwarzwälder Kirschtorte
Тортата Шварцвалд не е омилена меѓу сите кинески туристиФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

„Тоа се групи кои го имаат менито однапред нарачано и кога ќе дојдат седнуваат на своето место. Ако овде е полно, тие одат на шопинг или пловат со брод во меѓувреме, или пак се испраќаат надолу. А, потоа доаѓаат следните, ние одново ги местиме масите и ги служиме следните групи“, вели Габриеле Дитер, вработена во семејна гостилница „Друба“ на Титизее.

Затоа гостите немаат многу време да јадат. Веќе чека втората група кинески туристи. Брзо се сервира и тортата со цреши позната како Шварцвалд торта. Тортата со слатка павлака и ракија од цреши важи за германски специјалитет. Но, таа не е по сечиј вкус.

„Не знам, слатката павлака не е посебно блага. Во Кина таа е поблага. Оваа торта едноставно не ми е толку вкусна“, вели една туристка од Кина.

Секоја година повеќе од седум милиони туристи го посетуваат Шварцвалд. Кинезите се посебно омилени, бидејќи тие со задоволство купуваат и тоа многу. Трошат дневно по повеќе од 300 евра на сувенири и храна. Но, тие најмногу остануваат два дена, бидејќи потоа продолжуваат со патувањето низ Европа. Затоа ним пред се’ им е значајно да ги понесат фотографиите како потсетување.