1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинезите се заинтересирани за проекти во Македонија

ЕМФ/миа15 мај 2012

Кина е заинтересирана за проектот кој предвидува една технолошко-индустриска развојна зона во Македонија да им се даде на управување на кинески компании.

https://p.dw.com/p/14vsN
Фотографија: MIA

Македонскиот премиер Никола Груевски по денешните (15.05) разговори со кинескиот премиер Вен Џиабао во Пекинг изјави дека следува разработка на проектот од кинеска страна, по што ќе следат натамошни дискусии. Двајцата премиери размениле мислења и за уште два крупни проекта, од областа на енергетиката и инфраструктурата.

„Побарав поддршка за три значајни проекти, но исто така разгледавме и една група од пет-шест други проекти кои во иднина би можело да бидат доразвиени. Од овие три би можел да споменам дека едниот е крупен проект во делот на енергетиката. Вториот е крупен проект во делот на изградба на патишта, а третиот е проект кој веќе го имаме спомнато во нашата јавност и за кој стана збор иминатиот пат кога се видов со премиерот на Кина. Тој предвидува една технолошко-индустриска развојна зона во Македонија да се даде за кинески компании, тие да дојдат и да изградат фабрики кај нас, при што изнесов многу повеќе детали околу условите за правење бизнис во овие технолошко-индустриски развојни зони“, рече Груевски, според кого, коментарите на Џиабао биле прилично охрабрувачки.

Џиабао ја изразил подготвеноста на кинеската Влада за поддршка и охрабрување на кинеските компании да инвестираат во Македонија и да ги искористат можностите и предностите кои земјата им ги нуди на инвеститорите. Како позитивни посебно ги истакнал мерките во областа на индустриските зони, при што потенцирал дека Македонија има направено голем напредок во оваа област. Тој ја истакнал и заложбата и можноста за засилен ангажман од кинеските власти во областа на финансиската и техничката поддршка на кинеските компании кои би биле заинтересирани за инвестиции во Македонија и за остварување напредок во конкретните проекти кои беа предмет на разгледување на средбата.

Заеднички е поздравен и нагорниот тренд на трговска размена меѓу двете земји. Двајцата соговорници изразиле задоволство од нивото на политички дијалог и билатералната соработка во изминатиот период на сите полиња и оцениле дека економската соработка треба да ја следи и да биде на ниво на добрата политичка соработка која постои меѓу двете земји.

Во однос на иницијативата на премиерот Џиабао за потесна соработка на економски план помеѓу НР Кина и земјите од Источна и Југоисточна Европа и алоцирање на 10 милијарди долари средства на кинеската Влада за финансирање проекти, премиерот Груевски истакнал дека Република Македонија во целост е подготвена да учествува во неа со полн капацитет.