1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинези во БиХ - тивко дојдоа, уште потивко заминуваат

Александра Славниќ / Александар Методијев27 март 2013

Во намера да ја раскажеме приказната за животот на Кинезите во Бања Лука дојдовме до неочекувано сознание. Нивните продавници се затвораат, а отворените работат со загуби. Многумина веќе ја напуштија Босна и Херцеговина.

https://p.dw.com/p/184a0
Фотографија: DW

Кинезот Никола Ву има 11 години и е еден од најпознатите жители на Бања Лука. Возрасните Кинези одамна не се новост во градот, но нивните деца ги нема во училиштата и градинките, па Никола беше и остана вистинска атракција.

Никола Ву се чувствува како вистински бањалучанец

Тој одлично се вклопил, има многу пријатели и не помислува за тоа дека еден ден би можел да живее во татковината на неговите родители. Никола е првиот Кинез роден во Бања Лука, а неговиот татко Мин Линг Ву е првиот Кинез кој пред 14 години се доселил во градот на Врбас.

„Кога дојдов во Бања Лука во 1999 година тука немаше ниту еден Кинез. Ние бевме први кои се доселија и отворија продавница во овој град. Ни одеше добро, имаше работа, па отворивме и друга продавница. Но, последните години навистина е лошо. Сите наши пријатели од Кина заминаа од овде - ги затвараат продавниците и се враќаат“, вели Линг Ву. Тој верува дека ако вака се продолжи, ќе биде приморан до крајот на годинава да стави клуч на вратата и да ја затвори продавницата „Црн бисер“.

Chinesen in Bosnien und Herzegowina
Продавницата „Црн бисер“ е една од малкуте кинески продавници кои останаа во Босна и ХерцеговинаФотографија: DW

„Во јануари и февруари забележавме дебел минус. Многу продавници се затворени. Сега во Кина е добро. Таму има многу работа, за разлика од претходните години, па веројатно и ние ќе се вратиме од каде што дојдовме пред многу години. Единствено на Никола не му се оди, ова е негов град и со задоволство би останал. Кина не ја сака“, објаснува Линг Ву низ смеа.

Ова кинеско семејство го совлада јазикот, се прилагоди на животот во Босна и Херцеговина и го засака народот во таа земја. Кинезите велат дека луѓето во Бања Лука се добри домаќини, пријателски расположени и како што посебно истакнуваат – не крадат.

Кина денес е друга земја

„Нашиот роден град од кој доаѓаме многу се промени. Отворени се многу фирми кои произведуваат обувки и облека, така што сега има работа. Така е во последните четири години. Порано многу тешко се живееше и затоа заминавме“, велат родителите на Никола.

Chinesen in Bosnien und Herzegowina
Никола Ву во продавницата на своите родителиФотографија: DW

Додека тие загрижено го пребројуваат дневниот пазар, тој безгрижно оди во шесто одделение во основното училиште „Доситеј Обрадовиќ“, си игра видео-игри и се дружи со врсниците. Српскиот јазик го говори одлично, но признава дека има проблеми кога треба да ја совлада училишната материја.

„Имам секакви оценки – и единици и двојки, но сепак знам од се’ по нешто. Родителите се задоволни. Тренирав кошарка и карате но престанав“, срамежливо објаснува Никола.

Тој неколкупати бил во Кина, но таму не сака да живее, бидејќи како што вели секојпат му било здодевно.

Со економското тонење, Кинезите заминуваа

За Кинезите и нивниот живот во БиХ малку се знае. Целата нивна комуникација со локалното население се сведува на: „Добар ден“, „Колку чини ова“, „Благодарам“ и „Догледање“. Во тој дел од светот дошле во потрага по подобар живот. Но, тоа сега е променето.

Во Бања Лука од 1997 година постои Здружение на пријателите на Народна Република Кина и Босна и Херцеговина. Тогаш во БиХ немало Кинези, па сепак жителката на Бања Лука Милка Томамовиќ, од љубов и почитување кон нив, го основала тоа здружение.

Milka Tamamovic, Bewohnerin der Stadt Banja Luka
Милка Тамамовиќ вели дека сите Кинези-членови на нејзиното здружение повеќе ги немаФотографија: DW

„Кинезите кои беа дел од оваа организација веќе ги нема. Сите заминаа. Како ние економски тоневме, така тие си заминуваа. Останаа само неколку семејства и продавници. Од 2007 година тие се во фаза на заминување“, потврдува Милка Томамовиќ.

Сега заминуваат во Албанија и на Косово

„Бев шокирана кога слушнав дека заминуваат во Албанија и на Косово, бидејќи таму им е подобро. Ние овде живееме убедени дека сме поразвиени од тие средини. За жал, тоа не е вистина. Кинезите донесуваат просперитет и нова сила, а ние тоа не го искористивме“, вели Милка Тамамовиќ.

Се проценува дека во БиХ на почетокот од минатата деценија имало околу илјада Кинези, а таа бројка денес не надминува 400. Соговорниците велат дека има и мешани бракови и најчесто се работи за кинески мажи и жени од БиХ. Таква брачна заедница е склопена и во Бања Лука, но тие неодамна заминале во Кина.