1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинеските комунисти дискутираат зад затворени врати

Рут Кирхнер (ард)/ Александра Трајковска9 ноември 2013

Во Пекинг започна со нетрпение очекуваната седница на Централниот комитет на Комунистичката партија. Државните медиуми пишуваат за реформи, кои треба да бидат иницирани. Експертите сметаат дека тие се неопходни.

https://p.dw.com/p/1AEZD
Фотографија: reuters

Седницата на партиското раководство се одржува зад затворени врати. Нема прес-конференции, нема брифинзи, нема камери, не е познат ниту дневниот ред. Но, со денови државните медиуми говорат за „историски нов почеток“ или „длабоки реформи“ кои треба да бидат спроведени.

Ова ги разбуди очекувањата. „Се надевам дека средбата ќе доведе до вистински промени, дека цените на становите ќе паднат, инфлацијата ќе попушти“, вели еден пензионер во Пекинг. „За нас е многу тешко. Ние сме најсиромашни меѓу сиромашните. Цените на прехранбените производи се рекордно високи, не можеме ништо да си дозволиме“.

Пораст кој се потпира на инвестиции и извоз

Дали овие надежи ќе бидат исполнети е неизвесно. Со недели експертите шпекулираат за можните реформи, без да бидат познати детали. Што е она што лошо се одвива во Кина им е јасно на сите експерти: Порастот не е избалансиран, многу зависи од инвестициите - меѓу другото во државните инфраструктурни проекти - и од извозот. Внатрешниот конзум е премал. Освен ова на Кина би и‘ била потребна земјоделска реформа и реформа на системот за пријавување на граѓаните, за на пример да се зајакнат првата и куповната моќ на милиони работиници кои патуваат до работното место.

Се работи за власт и привилегии

„Мора да се земат парите од државниот сектор и да се зајакне куповната моќ на приватните домаќинства. Тоа е единствениот пат, за да се поттикне потрошувачката“, вели Михаел Петис, економистот на Универзитетот Пекинг. Но ова е полесно да се каже отколку да се спроведе. За разлика од 1978. година, кога Денг Ксиаопинг го трасираше патот за кинеското економско чудо, земјата денес е повеќеслојна, проблемите се покомплексни. Во комунистичка Кина доминираат моќни државни концерни и цели индустрии се тесно поврзани со политиката. Моќни индустриски групи пружаат отпор против кратењето на нивната моќ и привилегиите.

Преструктуирањето на стопанствотот би било екстремно тешко, вели Михаел Петис. И преструктуирањето е високо политички. „Не станува повеќе збор за економски прашања. Ние прилично точно знаеме, што од економски аспкет треба да се стори. Сега е на потег политиката“.

Резултати, кои потоа ќе бидат спроведени?

Оттука се поставува прашањето, дали новиот претседател на државата и на партијата Кси Џинпинг може да поттикне вистински реформи. Резултатите се очекуваат идниот вторник, на крајот на пленумот на Централниот комитет. Потоа останува да се види, што ќе биде спроведено. Едно меѓутоа уште сега е јасно: политичко отворање со поголемо учество нема да има. Впрочем во петокот во еден текст во партискиот орган „Народен весник“ се отфрлаат демократски реформи по примерот на западните земји. Водечката улога на партијата е недопирлива, се вели. Но, критичарите велат дека токму тоа е проблемот, оти без политички реформи, без поголема транспарентност и контрола на власта постои можност да не успее и преструктуирањето на стопанството.